Легендарната Лојд (39) одигра 316 натпревари за САД, постигна 134 гола, има по две титули светски и олимписки првак и две награди за најдобра фудбалерка во светот во една година, во избор на ФИФА
ЗАМИНА ВО ПЕНЗИЈА ЕДНА ОД НАЈДОБРИТЕ ФУДБАЛЕРКИ НА ПЛАНЕТАТА
Легендарната американска фудбалерка, една од најдобрите во светот, Карли Лојд (39), на мечот со Јужна Кореја (6-0), во Минесота, по 16 години играње, ѝ стави крај на славната и успешна кариера, во која освои две титули светски првак (во 2015 и во 2019 година) и два златни олимписки медала (во 2008-та и во 2012-та). Таа е првата Американка што постигнала гол на четири различни Летни олимписки игри (ЛОИ), вкупно 10, рекордни меѓу фудбалерките на САД. Лојд е добитничка на наградата за најдобра светска фудбалерка на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во 2015 и во 2016 година.
– Беше доста емотивно. Но има чувство на мир и задоволство, како и на радост и на среќа. Тоа беше неверојатно патешествие, дадов сѐ што можев, сега ќе следува ново поглавје – изјави Лојд.
Карли Лојд одигра 316 натпревари за репрезентацијата на САД, втора, зад сонародничката Кристин Лили (354), и постигна 134 гола, од кои 98 по навршените 30 години. Таа има 47 настапи на големите натпреварувања, повеќе од која било Американка, на сите СП од 2007-та и на сите ЛОИ од 2008-та досега.
– Таа е фудбалска икона насекаде во светот. Ова сум го кажувал и претходно: да беше фудбалер во Европа, ќе имавме статуи на Карли Лојд низ целата земја, па и во Европа. Толку е таа голема. Некој рече дека Карли е женската репрезентација на САД. Таа е храбра, одлучна, интензивна и едноставно не прифаќа „не“ за одговор. Таа секогаш наоѓа начини како да успее – изјави Македонецот Влатко Андоновски, селекторот на женската фудбалска репрезентација на САД.