Томас Милер постигна еден гол и имаше три асистенции, а Роберт Левандовски два гола на мечот Унион Берлин – Баерн, 2-5. Милер, кој и претходно имал три асистенции на натпревар, а во една пригода четири, има 133 гола и 176 асистенции на 393 натпревари за Баерн во Бундес-лигата
ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА
Роберт Левандовски постигна два гола за Баерн на мечот на гости против Унион Берлин (5-2) во 10-то коло во германската фудбалска Бундес-лига, со што на најдобар можен начин одговори на катастрофата во втората рунда во Купот на Германија, кога загуби од Борусија Менхенгладбах, со 0-5. Баварците ѝ ставија крај на серијата на Унион од 21 првенствен натпревар без пораз на домашен терен, која траеше од септември 2020 година.
Левандовски, кој лани постигна рекордни 41 гол во Бундес-лигата, сезонава веќе постигна 12 гола на 10-те првенствени натпревари, односно вкупно 19 сезонава во сите натпреварувања. Деновиве во оптек се појави копија од ранг-листата за „златната топка“, на која Левандовски е на првото место, Лионел Меси на второто, а Карим Бензема на третото, која организаторот „Франс фудбал“ ја демантира и ја отфрли како лажна. Сепак, напаѓачот на Полска останува еден од фаворитите за таа награда, која ќе биде доделена на 29 ноември во Париз.
Од мечот во Берлин, за издвојување е и Томас Милер, кој постигна еден гол, плус три асистенции (своевиден хет-трик), сезонава вкупно четири гола и седум асистенции на 10-те натпревари во Бундес-лигата. Милер и претходно имал три асистенции на натпревар, а во една пригода имаше удел и при постигнување четири гола во Бундес-лигата. Господинот Баерн, како што го нарекуваат Милер, има 133 гола (и 176 асистенции) на 393 натпревари за Баерн во Бундес-лигата, вкупно 220 во сите натпреварувања или, во просек, по еден гол на 1,21 натпревар. Тој може да се пофали и со фактот дека постигнал гол и повеќе на сите 17 тима што настапуваат во Бундес-лигата.
– Победивме, но одигравме и убедлив натпревар. Бевме доминантни во првите триесетина минути, кога постигнавме три гола – изјави Милер, избегнувајќи да говори за својата добра игра.