Атина во офанзива за придобивање на странски инвестиции
Преку заедничка соработка, Грција би можела да биде портата за влез Кина во Европа, изјави грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, по средбата со неговиот колега од Народна Република Кина, Ванг Ји, пренесува „Грик репортер“.
На средбата во Атина се дискутирало за големото значење на Грција во Конвенцијата на Обединетите нации за поморското право (УНКЛОС). Дендиjас посочи дека Грција сака да ги зацврсти односите со Кина по пандемијата, односно в година, кога навршуваат 50 години откако овие две земји воспоставија дипломатски односи.
– Грција би сакала да види напредок во Пиреја, најголемото пристаниште во целиот Медитеран, кое низ историјата било и едно од најголемите пристаништа на светот – изјави Дендиjас.
Со ваквата инвестиција, Кина сака да го промовира поврзувањето на Азија со Европа и да ја продлабочи и развие поморската соработка со Грција, почитувајќи го УНКЛОС. Инвестицијата во пристаништето Пиреја е нивен главен заеднички проект.
На средбата се разговарало и за промоција на културата и туризмот, како и зимските олимписки игри што ќе се одржат во Пекинг. Ји ги поканил грчките и европските спортисти да учествуваат на олимписките игри, со што нагласи дека Кина е подготвена да го промовира и културниот дијалог со Европа.
Грција се посвети и да ја направи Европа првиот климатски-неутрален континент до 2050 година, според најавите на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во понеделникот, на Самитот на зелената иницијатива на Блискиот Исток ко се одржа во Ријад.
– Најважната од нашите иницијативи е ставањето крај на електрична енергија добиена од јаглен до 2028 година, додека се насочуваме да ја зголемиме стапката на обновливи извори на енергија – изјави Мицотакис.
Тој се надева дека Грција ќе биде една од првите медитерански земји што ќе воведе специфична рамка за производство на електрична енергија преку островски ветерни паркови, и додаде дека за да се постигне ваквата зелена транзиција, ќе бидат потребни инвестиции вредни над 25 милијарди евра.