Проекција на две експериментални видеа на македонската уметница Тања Балаќ, „Црвена земја“ (2017 г.) и „Раѓањето на нацијата“ (2016 г.), се одржа синоќа во галеријата ОКК во Берлин, Германија.
Видеото „Црвена земја“ има минималистички пристап како свесен избор, чија идеја е да го поттикне размислувањето кај публиката, не само за рефлексијата на светот што нѐ опкружува самите, туку и за саморефлексијата на сопствената позиција во него.
Данкан Хигинс уметник и професор по визуелна уметност на универзитетот „Нотингем Трент“, Велика Британија и универзитетот „Берген“, Норвешка, за ова дело на Балаќ вели дека истражува и нуди серија од мноштво отворени интерпретации, предизвикувајќи длабока тензичност во можностите, гестовите и движењата во оваа визуелна творба.
Видеото „Раѓањето на нацијата“, пак, под кураторство на Алесандра Чианети и на Ани Јаел Кван (Англија), ја употребува камерата како „окото на гледачот“, која не случајно ја позиционира бремената жена во центарот на сликата, каде што бавното движење, квалитетот и тонот на осветлувањето, направени од кинематограферот, Атанас Велковски, функционираат заедно за да предизвикаат еден сликарски сензибилитет, не многу поразличен од онаа елеганција присутна во фламанската мртва природа. Храбро наметнатата графичка слика исто така повикува на многу други канонични – иконични слики.