Стихови инспирирани од есента на познати македонски писатели

Драги деца,
Денеска е 26 октомври, есента се чувствува насекаде околу нас: мириса на печени костени, варена тиква, топол ајвар, а сувите лисја крцкаат под нашите нозе.
Ние ѕирнавме во вашите тетратки по македонски јазик и ги прочитавме вашите состави на оваа тема. Навистина сте ја почувствувале магијата на ова годишно време, кое според многумина е најубаво, зашто природата е обоена со најтопли бои и ни дарува многу вкусни плодови, токму како што напиша Даниела Поповска (8), ученичка од Скопје.
„Во мојот крај есента е убава, каде и да погледнам гледам шаренило од бои. Денеска е убав сончев ден. Станав и се подготвив за училиште. Надвор дуваше благ, топол ветер. Додека татко ми ме возеше, гледав како ветрето ги носи разнобојните лисја и ги ниша гранките на дрвјата на сите страни. Стеблата ги соблекуваат своите зелени фустани, а тревата го облекува кафеното палто. Воздухот мириса поинаку, се чувствува некоја свежина во него, како да ќе врне. А тогаш децата ги облекуваат своите гумени чизмички и шлапкаат по калливите бари на улиците“, напиша таа во својот состав за есента.
На село е сосема поинаку, а атмосферата ни ја долови деветгодишниот Петар Илиевски.
„Есента е насекаде околу мене, во градината, овоштарникот, па дури и во училишните клупи. Луѓето ги завршуваат работите на нивите, вадат компир, се берат јаболка и круши, дуњи, млади ореви, се собираат дрва за огрев, а мајките и бабите приготвуваат зимница. Се чувствува мирисот на печена пиперка во
воздухот“, опишува Петар.
Близначките Теодора и Тијана Стојановски, кои имаат осум години, ни кажаа неколку интересни факти за есента, кои ги споделуваме со вас:
– Првите и последните денови на есента се менуваат приближно за 24 часа секоја година. Два календарски датуми се во игра кога станува збор за почетокот на есента. Таа е дефинирана според кружењето на Земјината орбита околу сонцето и започнува на есенската рамноденица (време во годината кога траењето на денот и ноќта е еднакво), на 22 или 23 септември.

– Деновите се сѐ пократки, а ноќите подолги. Лисјата на дрвјата паѓаат затоа што пократките денови се знак дека тие се подготвуваат за зима. Тогаш нема доволно светло за фотосинтеза, па така како што се скратуваат деновите за време на есента, дрвјата почнуваат да ги затвораат своите системи за производство на храна и го намалуваат количеството хлорофил во нивните лисја.
– Многу птици се подготвуваат за миграција во ова време, а животните за зимски сон.
Ова се некои од интересните податоци за есента до кои дојдоа Теодора и Тијана на часот по природа и општество во своето училиште.
Во продолжение објавуваме неколку убави песни за есента на познати македонски писатели за деца. Се надеваме дека ќе ве поттикнат и вие да напишете некој стих или да направите цртеж за есента и да ни го испратите, а ние со задоволство ќе го објавиме.


Есента нe кани

Здраво есен златна
со илјада бои –
здравје ни даруваат
плодовите твои!

Јаболката румени
и крушите зрели
Нѐ канат на берба –
ќе одиме, нели?

Во градинка учиме,
не сме веќе мали:
си зедовме кошниче
се качивме на скали.

Најслатко е да знаете,
сите велат така –
она што ќе го набереш
со својата рака!

Томе Арсовски


Есенска песна

Есен дојде магловита сива
и рони листец жолтозлат,
бело јато над поле се крева
в болка лета на далечен пат.

Темен облак распнал
темно крило
и в пазува крие сончев лик,
в зора рана небото го кине
од жерави тих и жален крик.

– Татковино,
до гледање мила,
– во јатото клика жерав мал,
капат лисја,
чиниш златни солзи
рони гора обвиена в жал.

Евгенија Шуплинова


Песна за есенските лисја

Лисјата треперат – не се веќе зелени!
Во царството на есента ли се вселени?

Беа млади и полетни,
беа нежни и пролетни,
сега се суви, остарени,
како од слана попарени!

Љубопитството е небесен плам,
зашто се такви сакам да знам!

Животот дава
времето зема,
тоа што било
веќе го нема!

Ветерот сега со тријалки ги трие,
од гранките ги ишка,
– свежината им ја пие!

Стојан Тарапуза


Помагач број еден – највреден

Само што лозјето
ќе го позлатат
есенските сончеви зраци,
еве ти врева.
Нашите грздоберачи.

Есенски бои. Расточени.
По лозниците, листовите,
малку пожолтени, малку зацрвени
по рабовите.

Натежнале гроздовите.
Треба да се пренесат
од лозниците, од кошевите,
во тракторите.

А меѓу редовите
се мрда едно раче.
Детско,
на нашето прваче.

Потскокнува,
од една до друга сенка.
Права криенка.

Насмевка по обравчињата,
едно по едно,
се полнат кошничињата.

Ете го нашиот берач број еден.
Највреден.

А и вистината
не се менува.
Работата многу подучува
и оплеменува.

Васил Мукаетов


Есенска слика

Јавнато на огнено коњче,
летото некаде си појде.
Тетка Есенка со златна кочија,
кај нас на гости дојде.

Птиците почна на југ да ги сели
и есенски дарови насекаде да дели…
Набргу ќе опусти и полето сето.
Прибрано е сѐ што роди ова лето.

Златна боја на дрвјата им дарува
цели три месеци кај нас ќе царува!
Полни се килерите, подрумите,
амбарите…
Никогаш не биле побогати пазарите.

За сечиј вкус по нешто има.
Секој да си одбере за зимница в зима…
Од шумата сѐ почесто слегуваат
дрварите.
Во сечиј двор растат камарите.

Без дрва за огрев – не чадат оџаците.
Без туршија и зелка – не личат каците…
А децата сакаат само таква зима,
во која за нив од сѐ по нешто има!

Киро Донев


Есен

Облаците –
бели јагниња, бавно
по вечерното небо патуваат.
Ѕвездите и месечината
патот им го осветлуваат.
Едно голо дрво, на ридот –
до небото порака прати,
неговите зелени лисја –
веднаш да му ги врати.
Тивко е!
Само гласчињата
на дечињата
ја нарушуваат тишината
и се вгнездуваат –
во убавината.

Димитар Алачки


Селски раце

Штом есента доцна тропне
и лисјата паднат златни,
заедно со дождовите
доаѓаат води матни.

Од облаци тешки, сиви
со денови дождот лее –
но штом сонце малку блесне,
родни ниви орач сее!

Коравата селска рака
лебец топол дарува –
Насекаде, во светов ширен
никој да не гладува!

Стојан Арсиќ


Костени

Се берат во октомври
Кога сонцето ѕирка
Низ златни гранки,
Додека северко кротко
Сѐ уште пирка!
Се чекаат дождови
Во порој да се слеат
Плодовите зрели
По земја да ги редат!
По планински долови
Се собираат плодови
Костенчиња со бело срце
На тони под секое „дрвце“!

Во златна есен и раскошот
На костенот е внесен!

Вера Симовска