Испитувањата што деновиве се спроведуваат во повеќе области во Турција би требало да откријат една од најголемите промени во историјата на човештвото.
– Имаме конкурент за египетските пирамиди – тврдат турските археолози, кои
деновиве треба да почнат со ископувања во населбите Ајнлар, Јогунбурџ, Харбетсуван, Куртепеси и Ташлитепе.
Овие испитувања се дел од првата фаза на неолитскиот истражувачки проект Шанлиурф, кој ќе трае до 2024 година.
Турција неодамна го претстави проектот „Камени ридови“, за кој се вели дека претставува „нулта точка на времето“, односно прикажува една од најголемите промени во историјата на човештвото – од она кога луѓето се занимавале со лов и собирање плодови за да преживеат до развивањето на земјоделството. Се разоткрива мистеријата на седумте археолошки области: Гобеклитепе, Карахантепе, Гурџутепе, Сајбурч, Чакмактепе, Сефертепе и Јени Махала.
Гобеклитепе, кој датира од пред 12.000 години, веќе ѝ е познат на јавноста како еден од најстарите храмови на светот и е дел од листата на УНЕСКО на светско културно наследство, но траги на живот во минатото се пронајдени уште на 12 рида. Многу се очекува од Карахантепе, локација слична на оваа, на која се пронајдени над 250 блока мегалити во вид на буквата Т.
Ископувањата траат веќе две години, а истражен е само еден процент од површината, па археолозите со возбуда очекуваат да видат какви нови историски вистини се кријат под земјата.
Со отворањето на овие локалитети, Шанлиурф, град во Анадолија, во близината на границата со Сирија, би требало да се претвори во своевиден музеј на отворено и да се истакне дека токму она што се случувало некогаш на ова посно и јалово земјиште му дало правец на натамошниот развој на светската цивилизација. Во оваа историски богата област, ископувања треба да бидат извршени на над 800 локалитети.
Во текот на посетата на привременото отворено археолошко наоѓалишпте во Карахантепе, министерот за култура и туризам на Турција, Ехмет Нури Ерсој, нагласи дека геомагнетните и радарски мерења веќе се спроведени во некои од овие подрачја и ќе продолжат паралелно со ископувањата.
Турција на овој проект соработува со вкупно осум универзитети од пет држави, со четири меѓународни академии, институти и музеи од различни меридијани.