НАТО протера осум членови на руската мисија од тој сојуз, тврдејќи дека работеле тајно како разузнавачки агенти, изјави неименуван претставник на таа воена организација, пренесуваат светските медиуми.
– Можеме да потврдиме дека ги повлековме акредитациите за осум членови на руската мисија во НАТО, кои беа нерегистрирани руски разузнавачи – изјави претставникот на НАТО.
Тој додаде дека НАТО, исто така, го намали бројот на позиции од 20 на десет, толку лица Русија може да акредитира во таа организација.
Не е дадено објаснување за ваквата одлука, но се наведува дека ќе стапи на сила кон крајот на месецот.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Долниот дом на рускиот парламент, Леонид Слуцки, изјави дека Москва подготвува одмазднички мерки против одлуката на НАТО да протера осум руски дипломати, за кои Алијансата тврди дека се нерегистрирани разузнавачи.
Агенциите објавија дека Слуцки навестил дека руските одмазднички мерки не мора да бидат исти со оние што ги применува НАТО.