ФИФА предлага задолжителен одмор од 25 дена, за да закрепнат играчите по летните турнири, а Светскиот синдикат на фудбалерите е за пауза од 28 дена надвор од сезоната и 14 дена пауза на средината од сезоната. „Податоците покажуваат дека мора да се намали притисокот врз врвните фудбалери. Време е здравјето и перформансите на играчите да имаат приоритет“, вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман
Итно се потребни задолжителни паузи за да се спречи прегорување на играчите, соопшти Светскиот синдикат на фудбалерите (ФИФПРО). Извештајот за обемот на оптовареност на играчите во сезоната 2020/2021 покажува дека врвните професионалци повеќе од две третини од минутите во сезоната ги играат во „критичната зона“, односно играат најмалку 45 минути по натпревар во период помал од пет дена.
Постојаната изложеност на такви напори може да доведе до зголемен ризик од повреди и да влијае на должината на кариерата на играчот. ФИФПРО предлага фудбалерот да пропушти еден натпревар по три одиграни во критичната зона. За играч од англиската Премиер-лига, тоа може да значи намалување од два до осум меча по сезона на клупски и на репрезентативен план.
– Податоците покажуваат дека мора да се намали притисокот врз врвните фудбалери. Овој извештај покажува зошто ни се потребни механизми за нивна заштита. Време е здравјето и перформансите на играчите да имаат приоритет. Помалку проблематично е да се направи вака отколку да се чека да дојде до кинење на мускулите, а потоа играчот да е надвор од терените шест недели – вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман.
ФИФА е за задолжителен одмор од 25 дена, за да закрепнат играчите по летните турнири. Во својот извештај, ФИФПРО ја повтори заложбата за задолжителна пауза од 28 дена надвор од сезоната и 14 дена пауза на средината од сезоната. Извештајот на ФИФПРО се базира на податоци од околу 40.000 настапи на 265 играчи во 44 лиги, помеѓу јуни 2018 и август 2021 година. За врвните фудбалери на национално ниво, 67 проценти од нивните минути во сезоната 2020/2021 биле одиграни во критичната зона, наспроти 61 процент во претходните две сезони. Таков е случајот со плејмејкерот на Манчестер јунајтед и на Португалија, Бруно Фернандеш. Помеѓу ноември 2020 и април 2021 година, неговиот дел од минутите во критичната зона не бил под 68 проценти, а во повеќе наврати бил близу 100 отсто.
Извештајот, исто така, ги нагласува проблемите со патувањата на врвните играчи, особено кога играат за репрезентациите. За споредба се земени соиграчите од Тотенхем, Хари Кејн и Хеунг-Мин Сон, во периодот од три сезони, од 2018/2019 до 2020/2021. Кејн играше повеќе минути (14.051 наспроти 13.576), но Сон помина 223.637 км во споредба со 86.267 км на Кејн.
ФИФА во новиот календар предлага намалување на бројот на меѓународни паузи во годината, од пет на една или две, со што би се намалиле патувањата, како и да се намали бројот на квалификациски репрезентативни мечеви.