Пендаровски до Сакеларопулу
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Атина оствари тет-а-тет средба со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, по што се одржа и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
На средбите беше констатиран позитивниот тренд на севкупните билатерални односи помеѓу двете држави, но и дека постои потенцијал за понатамошно зајакнување на соработката на секое поле. Беше изразено задоволство дека двете држави го оставија минатото зад себе и се фокусирани кон иднината. На средбите, претседателот Пендаровски изрази благодарност за поддршката од Хеленската Република која станува еден од најгласните поддржувачи на нашата интеграција во Европската Унија и изрази очекувања дека поддршката ќе се интензивира во наредниот период.
Претседателката Сакеларопулу на тет-а-тет средбата му посака добредојде на претседателот Пендаровски и посочи дека оваа прва официјална посета на претседател на Македонија на нивната држава е значајна и ќе придонесе за развојот на односите меѓу двете земји. Сакам да подвлечам дека ние вложуваме во зајакнување на нашите билатерални односи и за вашата европска перспектива, рече претседателката Сакеларопулу.
– Ќе се согласите со мене дека целосното применување на Преспанскиот договор со добра волја е значајно за развој на нашите односи. Веќе поминаа две и пол години од применувањето на Преспанскиот договор, и треба да признаме дека се направени многу позитивни чекори кон спроведувањето, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе придонесе за понатамошен развој на нашите односи. Ние од наша страна ги разгледуваме сите страни на Преспанскиот договор и се обидуваме да ги решиме сите отворени прашања за подобрување на нашите односи – истакна Сакеларопулу.
Пендаровски напомена дека оваа посета има историска димензија и е значајна, како прва средба на највисоко политичко ниво меѓу две соседни држави после триесет години.
– Ние и претходно имавме одлична соработка, но од 2018 година наваму ја поставиваме таа политичка и правна рамка наречена Преспански договор, која ни овозможи уште подобро да соработуваме. Сакам да ви кажам еден правен принцип кој вие добро го познавате и до кој ние имаме намера да се држиме во однос на Преспанскиот договор. Тоа е „пацта сунт серванда“, или договорите треба да се чуваат и да се почитуваат – рече Пендаровски.
Претседателот додаде дека се согласува со квалификацијата дека многу работи се направени во изминативе две ипол години во имплементација на Договорот.
– Јас би рекол најголемиот, најтешкиот дел се имплементирани, се разбира има уште неколку работи кои треба да се завршат, и ние имаме јасна политичка волја и намера да го спроведеме тој договор до последната буква – истакна Пендаровски на средбата со претседателката на Хеленската Република.
Претседателот посочи дека Комисијата за историски, археолошки и образовни прашања и Комисијата за трговските брендови имаат договор за следна средба.
– Тие имаа одреден застој во работата, но очекувам сега тоа време да се искомпензира, да се надомести и да почнеме со забрзан ритам да ги решаваме преостанатите прашања кои се на агенда – додаде Пендаровски на средбата.
– Преспа нас ни овозможи да влеземе во НАТО Алијансата и следната наша цел за која очекуваме ваша помош и поддршка е да почнеме преговори со Европската Унија и да го заокружиме нашиот европски и евроатлантски сон. Да не заборавиме кој е целиот наслов на Преспанскиот договор. Тој не е само за решавање на проблемот со името, туку и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу нашите две држави – истакна Пендаровски на тет-а-тет средбата со Сакеларопулу.
На пленарниот состанок на двете делегации беше потврдена поддршката од Грција за европската перспектива на Македонија и земјите од Западен Балкан и беше реафирмирана подготвеноста за целосно применување на Преспанскиот договор.
Пендаровски истакна дека доследното спроведување на Преспанскиот договор ќе биде доказ дека Грција ги почитува преземените меѓународни обврски. На состанокот, претседателот се заблагодари за солидарноста и донираните вакцини, како и за помошта во справување со неодамнешните пожари во Гевгелија.