Ниеден глобален мегаскандал поврзан со сметки на компании на офшор-локации, заедно со потенцијални затајувања даноци, се чини не минува ако во него нема балкански примеси. Последниот случај со глобалниот настан, за кој известуваат светските медиуми, насловен „Пандорините документи“, откри низа информации, во кои со сомнителни активности се поврзуваат фирмите на повеќе актуелни и бивши политичари од регионот

Мегаскандал со офшор-компании и даночни затајувања

Балканските врски на политиката и бизнисот „испливаа“ на површина во последното досие објавено од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ), а во кое била вклучена и Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС). Глобалната истрага е водена од новинари од 117 земји, а досега најголемата база на податоци од овој вид содржи речиси 12 милиони документи од 14 офшор-агенции. Во досието именувано „Пандорините документи“ беа обелоденети некои од најголемите тајни финансиски трансакции во даночните оази на повеќе сегашни и поранешни светски лидери, милијардери и функционери. Документите, кои предизвикаа огромен интерес и реакции во светската јавност, покажуваат голем број офшор-договори, во кои учествувале поединци, но и групи звучни имиња од целиот свет, па така и од политиката и бизнисот од Западен Балкан.

Црногорски крак од аферата?

Меѓу оние што беа споменати во „Пандорините документи“ се и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син Блажо. Имено, како што пренесува хрватски „Јутарњи лист“, актуелниот црногорски претседател и неговиот син во изминатите години наводно ја криеле сопственоста на својот недвижен имот преку комплексна мрежа од поврзани компании од повеќе земји и офшор-области. Во тој контекст, според весникот, Мило и Блажо Ѓукановиќ во 2012 година склучиле тајни договори за управување со нивниот имот, прикривајќи ја сопственоста зад мрежа од поврзани компании од Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Според извештаите на медиумите, синот на претседателот на Црна Гора ја искористил таа структура за да формира дури две скриени компании со фирми ќерки во Лондон и во Црна Гора, каде што тој изминатиот период користел тајни финансиски трансакции за купување и продавање личен имот. На објавувањето на оваа информација, вчера реагираше и кабинетот на црногорскиот претседател.
– Најновата јавна емисија на невладината организација МАНС, наречена „Пандорините документи“, е само уште една во серијата обиди да се дискредитираат претседателот на Црна Гора и членовите на неговото семејство, на која МАНС залудно работеше со години – се наведува во реакцијата на кабинетот на Ѓукановиќ.

Српски имиња влегоа во Пандорината кутија

Истовремено, според белградски медиуми, во објавените документи се споменува и Никола Петровиќ, кум на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и поранешен директор на „Електричната мрежа на Србија“ (ЕМС) од 2012 до 2016 година. Како што пренесуваат српските медиуми, во „Пандорините документи“ поранешниот директор на ЕМС, Петровиќ, се споменува дека станал сопственик на компанија од Британските Девствени Острови, преку швајцарска консултантска куќа. Притоа, надлежните служби што ја проверувале трансакцијата, тој не ги информирал дека може да се смета за политички експонирана личност, иако е толку близок со претседателот, а истото тоа го тврдел и неговиот адвокат. Меѓутоа, по формирањето на компанијата, токму надлежните ја откриле неговата политичка позиција и побарале банкарско референтно писмо, што предизвикало дополнителни компликации. Истовремено, тој сопственоста на компанијата ја држел во тајност и од српските официјални органи и никогаш не ја пријавил, како што налага законот.
Во објавените тајни документи, исто така, се споменува и името на актуелниот министер за финансии на Србија и поранешен градоначалник на Белград, Синиша Мали. Новинарите од МАНС-мрежата во 2015 година откриле дека Синиша Мали купил 24 луксузни апартмани во бугарското летувалиште Свети Никола на Црно Море. Вредноста на становите била околу пет милиони евра, стои во извештаите на „Пандорините документи“.
Инаку, во објавените документи, меѓу другите, се споменува бизнисот на чешкиот премиер Андреј Бабиш, на јорданскиот крал Абдула Втори, на украинскиот премиер Володимир Зеленски, на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и на многу други. Во „Пандорините документи“ има имиња на луѓе од повеќе од 90 земји низ целиот свет, како и над 100 милијардери и познати личности.
Ова е најновото во серијата големи истекувања на податоци, кои ги покажуваат тајните дејства на офшор-компаниите. Претходно тоа беа „Панамските документи“ во 2016 година и „Рајските документи“ во 2017 година.
Во споредба со овие претходно откриени финансиски офшор-документи, „Пандорините документи“ се најобемни, а новинарите вклучени во истражувањето работеа на тоа 18 месеци.