Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека не поднел барање до српските власти за дозвола за посета на Прешевската Долина, затоа што, како што рече, го знае одговорот, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Знаете дека во Србија сум осуден во отсуство. Околностите се такви што Белград смета дека оваа посета не е оправдана и не е корисна. Јас сакам да ги посетам, сакам да ги видам, да отидам во нивните домови, да поразговарам со нив. Знам дека имаат проблеми и грижи, тоа е најдискриминираната заедница во Европа – изјави Тачи.
Во врска со идејата за размена на територии американскиот републикански сенатор и претседател на сенатскиот Комитет за внатрешна безбедност, Рон Џонсон, во интервјуто за Радио Слободна Европа рече дека Германија има повлечено црвени линии во поглед на тоа колку далеку ќе се оди во решавањето на косовското прашање, додека САД тоа го немаат сторено.
Тој додаде дека американскиот став е мошне конзистентен по прашањето за можната промена на границите меѓу Косово и Србија, а тоа е дека решението мора да произлезе од страните во спорот.
Џонсон додава дека САД нема да наметнуваат ништо, бидејќи решението мора да произлезе од разговорите меѓу Белград и Приштина.
– Јас ја разбирам загриженоста на луѓето и таа е легитимна поради опасностите од домино-ефектот, но ние решението ќе им го препуштиме на раководствата на Србија и на Косово и потоа откако ќе го разгледаме тоа решение ќе го изразиме нашиот став и потенцијалната загриженост во врска со него – вели Џонсон.