Вознемирувачки информации поврзани со лекувањето на болните во пандемијата пристигнаа од нашето подалечно соседство. Босанските медиуми информираа дека болните од ковид-19 во оваа земја се лекувани со индустриски кислород наместо со медицински

Вознемирувачки случувања го тревожат балканското здравство

Додека низ регионот бројката на хоспитализирани во ковид-центрите вртоглаво расте, а пандемијата не престанува да задава удари, притоа тенчејќи ги резервите на чистиот кислород, некои земји во недостиг од медицински кислородни концентрации на пациентите им давале индустриски кислород. Вакво тврдење изминативе денови е презентирано во медиумите во БиХ.
Земјата ја тресе тешката афера „Кислород“, бидејќи, според пишувањата таму, наместо медицински, фирмите доставувачи на болниците им испорачувале технички кислород, кој подоцна се користел за потребите на пациентите.
Како што пренесува порталот „Данас.рс“, случајот е евидентиран во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука, а опозицијата по сознанијата веднаш побара оставка од Владата на Република Српска.
Медиумот наведува дека станува збор за тврдење што изминатите денови било објавено во јавноста и со кое се прикажале документи што јасно посочуваат дека повеќе болници во РС се снабдувале со кислород од компании што немале дозволи од Агенцијата за лекови на БиХ за производство, трговија и дистрибуција на медицински кислород.

Министерството за внатрешни работи на Република Српска веднаш реагирало барајќи пристап до документацијата во Универзитетскиот клинички центар каде што, како што пренесуваат медиумите, го заплениле целото досие поврзано со снабдувањето со кислород на оваа институција.
Од спорната здравствена установа во текот на изминатиот ден беше соопштено дека тие не се виновни за случајот, но и дека целосно ќе соработуваат со надлежното обвинителство и со полицијата за расчистување на аферата.
– Во продолжение на овој процес, ние ќе бидеме како и досега, отворени и транспарентни. Нема што да криеме. Деловната документација е на наша страна – се наведува во соопштението од Клиничкиот центар во Бања Лука.
Во меѓувреме, недостигот од медицински кислород во земјите од регионот, но и во светот е сѐ повеќе евидентен поради новиот бран на коронавирусот.

Имено, Светската здравствена организација (СЗО) во тој контекст предупредува дека болниците се соочуваат со недостиг од кислородни концентрации што се користат како поддршка за дишење на заболените пациенти, кои се соочуваат со недостиг од кислород.
Тедрос Адханом Гебрејезус, генералниот директор на СЗО, вели дека многу земји во моментов се соочуваат со тешкотии да набават кислородни концентрации. Според него, побарувачката ја надмина понудата во моментов, а тоа може да предизвика сериозни импликации врз здравствените институции во кои на инфицираните пациенти од ковид-19 им е потребна кислородна поддршка за борба против болеста.
– Здравствената агенција набави 14.000 кислородни концентрации од производителите и планира да ги испрати во 120 земји во наредните недели – изјави Тедрос. Тој додава дека дополнителни 170.000 концентрации вредни околу 100 милиони долари треба да бидат достапни во текот на наредните шест месеци.


Која е разликата меѓу медицинскиот и индустрискиот кислород?

Според информациите во медиумите, медицинскиот кислород е сертифициран за неговата содржина, процентот на чистина и намената за употреба. Покрај тоа, не само што медицинскиот кислород мора да биде сертифициран од здравствените власти во една земја тој истовремено мора да е складиран во медицинска боца за кислород, која исто така треба да мине низ специјална сертификација за чистина и други проверки наметнати најчесто од министерствата за здравство во државите. Од друга страна, за разлика од чистиот, индустрискиот се користи за индустриските потреби и примени како што се согорување, оксидација, сечење и хемиски реакции. Тој не подлежи на ригорозни спецификации и проверки од институциите и во него најчесто може да има нечистотии од влакна, опрема или индустриско складирање.