Северна Кореја ја истрела најновата противвоздушна ракета, објавија агенциите.
Целта на тестот, како што објави Севернокорејската академија за одбранбени науки, е да се потврди практичната функционалност на ракетниот фрлач, радар, сеопфатното командно возило и борбените перформанси.
Ракетата има нови клучни технологии, како што се двојна контрола на кормилото и дво-пулсен мотор за летање, се вели во соопштението.
„Потврдени се извонредните борбени перформанси на новиот тип на противвоздушна ракета со карактеристики за брз одговор и прецизност на системот за контрола на ракети, како и значително зголемување на растојанието при соборување воздушни цели“, изјавиле од академијата.
Светските агенции посочуваат дека најверојатно севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун не присуствувал на тестирањето.
Северна Кореја во изминатите недели изјави дека нејзините тестови за оружје се со цел да ги зајакнат своите одбранбени способности, исто како што тоа го прават другите земји, обвинувајќи ги САД и Јужна Кореја за двојни стандарди и непријателска политика кон Пјонгјанг.
Ким во средата рече дека нема причина да ја нападне Јужна Кореја и дека е подготвен да ги обнови прекинатите интеркорејски телефонски линии.