Ги охрабрував моите партнери од Европската Унија да испратат посилна порака дека земјите од Западен Балкан се и барани и потребни од Унијата, и јас ќе продолжам да ја пренесувам таа порака, изјави Габриел Ескобар, пратеник на американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, пишуваат медиумите во регионот.
– Верувам дека постои силна согласност дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од ЕУ. Земјите од Западен Балкан се европски. Тие припаѓаат на Европа во културата, историјата и економијата – истакнал Ескобар.
Американскиот пратеник за Западен Балкан изјави денеска дека не ја исклучува можноста САД да назначат пратеник за дијалог. Во администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, тоа беше Ричард Гренел. Ескобар навел дека сега останува да се види дали тоа ќе се случи.
– Во меѓувреме, ќе работам како претставник на Стејт департментот во регионот, што го сметам за многу сериозно, и ќе бидам активен и отворен за наоѓање билатерални решенија во координација со ЕУ – рече Ескобар.
Тој додаде дека е среќен што тензиите меѓу Белград и Приштина се смирија и дека двете страни се согласија за решение на ситуацијата на северот на Косово.