Северна Кореја утрово лансираше неидентификувана ракета кон отвореното море долж нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска, среде апелите од Пјонгјанг до САД и Јужна Кореја да ја прекинат својата „непријателска политика“.
Јужнокорејската армија не даде детална изјава, но јапонското министерство за одбрана објави дека станува збор за балистичка ракета, без дополнителни објаснувања.
Изјавата дојде непосредно пред амбасадорот на Северна Кореја во Обединетите нации да ги повика САД да се откажат од непријателската политика кон Пјонгјанг, со порака дека никој не може да го оспори правото на неговата земја за самоодбрана и тестирање на оружје.
Северна Кореја ги обвини Сеул и Вашингтон за „двојни стандарди“ и го осуди развојот на оружје со продолжување на сопствените воени активности.
Во средината на септември, и Северна и Јужна Кореја ги тестираа своите балистички ракети, продолжувајќи ја трката за вооружување и правејќи пософистицирано оружје.