Странските медиуми, повикувајќи се на разузнавачки западни извештаи, изнесуваат загрижувачки информации, во кои велат дека ќелиите на озлогласените терористички организации во моментов вршат регрупирање на силите и своите операции ги преместуваат од Блискиот Исток кон Европа
Глобалните филијали на џихадистичките организации остануваат да бидат најголема закана за Европската Унија, особено по брзиот пад на Авганистан во рацете на талибанците.
На ваква констатација наведуваат информациите публикувани во европските медиуми, кои говорат дека во моментов на Стариот Континент се бележат зголемени активности и регрупирања на дел од филијалите на терористичките организации, но и заживување на имиџот на озлогласената терористичка организација Исламска држава.
Имено, како што објави „Јуроњуз“, минатата недела германските власти уапсиле четири лица што се товарат дека ја поддржувале исламистичката група Ал нусра (сириската филијала на Ал каеда), при што заедно со други лица од Шпанија и од Турција, преку тајни канали им давале логистика, финансиски средства, но и помош во оружје на џихадистички организации што планирале да прават напади многу веројатно и во Европа.
Како што пренесува медиумот, четирите лица во Германија биле следени извесен период и тамошната полиција во соработка со Европол успеала да го разбие терористичкиот разгранок, кој, според пишувањата на новинските агенции, изминатиот период бил доста активен.
Имено, ова неодамна го потврди и шефот на британската контраразузнавачка служба, Кен Мекалум, кој во изјави за светските агенции посочи дека одлуката на Вашингтон за заминување од Авганистан ги „охрабри и оживеа“ исламските екстремисти. Тоа, според првиот човек на МИ5, значи не само подигнување на расположението туку и голема веројатност за прегрупирање на терористите за извршување посложени напади.
– Ризикот е дека тие ќе се ресоздадат и ќе нѐ вратат пред добро дизајнираните комплексни заговори, како оние што ги сретнавме за време на нападите на 11 септември и во годините што следуваа – рече Мекалум.
Во меѓувреме Илва Јохансон, европски комесар за внатрешни работи, вели дека еден од последните извештаи на Европол за тероризам во Европа илустрира дека ризикот од радикализација на интернет е зголемен во годината на пандемијата.
– Ова е особено точно за десничарскиот тероризам. Ние сме посветени на справувањето со оваа растечка закана – вели Јохансон.
Од друга страна, Кетрин де Боле, извршна директорка на Европол, смета дека интернетот игра клучна улога во овозможувањето ширење на терористичката и екстремистичката пропаганда.
– Ширењето омраза и насилни идеологии преку интернет стана императив за екстремистите. Со споделување информации во реално време и користење на најновите технолошки достигнувања за заштита на податоците, можеме да ја подобриме борбата против тероризмот – вели таа, додавајќи дека новата состојба со Авганистан дополнително ги тревожи властите на блокот.
– На крајот на краиштата, главната цел на безбедносните агенции е насочување кон насилниот екстремизам и радикализација, со цел да се спасат животи и да се намалат насилните напади врз нашето општество и нашиот демократски систем – оценува Де Боле.
Во исто време, магазинот „Политико“ на истава тема пишува дека разузнавачките служби од Стариот Континент ќе мора да соработуваат како никогаш досега, доколку сакаат да се превенираат евентуалните нови терористички напади на кои периодов укажуваат безбедносните служби.
Во овој момент, според анализите на светските медиумски куќи, важно е Европската Унија да покаже единство, користејќи ги сите дипломатски и геополитички алатки што се на располагање, за да ги заштити невините Авганистанци, но и безбедноста на Европејците и другите граѓани.