На заедничката седница на Владите на Македонија и на Косово беа потпишани повеќе билатерални договори, а еден од најважните договори е спогодбата СОФА, која го регулира статусот на Силите на безбедност на Косово на територијата на Македонија, со што им се овозможува влез, излез, привремен престој и минување (транзит) преку македонска територија

Билатералниот меѓународен договор меѓу Владите на Македонија и на Косово како повод

Во рамките на заедничката владина седница, која неодамна ја одржаа македонската и косовската влада во Скопје, беа потпишани 11 билатерални договори од разни полиња, почнувајќи од економијата, безбедноста, меѓуграничната соработка и други области, но она што најмногу го привлече вниманието на јавноста е потпишувањето на СОФА-спогодбата, со која се овозможува косовските безбедносни сили да можат да влегуваат, престојуваат и да транзитираат на македонска територија.
– Важна е и посебна е спогодбата СОФА, која го регулира статусот на Силите на безбедност на Косово да им се овозможуваат влез и излез, привремен престој и минување низ (транзит) на територијата на Македонија. Ова ќе биде корисно за двете држави, бидејќи, како што видовме оваа година, покрај тоа што беа партнер и важен воен сојузник, Силите на безбедност на Косово можат да им помогнат на граѓаните и во операции на спасување – порача од Скопје косовскиот премиер Аљбин Курти. Македонија и во минатото има искуство со потпишување вакви спогодби и како земја-членка на Партнерството за мир, додека сега таа склучува ваков договор со соседна држава од позиција на НАТО-членка.


Што всушност врамуваат СОФА-спогодбите

СОФА-спогодбата всушност претставува договор меѓу државите – страни на северноатлантскиот договор и другите држави учеснички во Партнерството за мир за статусот на нивните сили.
Станува збор за договор меѓу државите договорнички на Северноатлантскиот договор и други држави што учествуваат во Партнерството за мир во врска со статусот на нивните сили, склучен во Брисел 1995 (понатаму ПзМ СОФА).
Според договорот, НАТО може да основа мисии на територијата на Македонија, но и во други земји, со цел да ја исполни својата операција, мисиите, а нивниот НАТО-персонал, нивната сопственост, финансиски средства и имот ќе ги уживаат mutatis mutаndis привилегиите и олеснувањата дефинирани со Виенската конвенција за дипломатски односи од 18 април 1961 година, освен доколку не е поинаку определено во меѓусебниот договор.
Македонското собрание ваков договор со НАТО има ратификувано на седницата одржана на 4 јуни 1996 година, а сличен договор за дејствување на НАТО-мисии во Македонија има и во 1998 и 1999 година. Во 2003 година е потпишан договор, со кој НАТО-силите во земјава се заменуваат со европски сили.


Има ли специфичност во договорот со Косово?

Македонија како полноправна земја-членка на НАТО има право да склучува вакви СОФА-спогодби со земји претставнички на Партнерството за мир, но не е прецизно наведено дали тоа вклучува и земји што се надвор од ваквите заеднички одбранбени иницијативи.
Според насоките од СОФА-спогодбите, се дозволува регулиран престој на туѓа војска на територија на друга земја, нејзин влез, излез и транзит.
Она што се наметнува како дилема е и како ќе се спроведува и почитува спогодбата кога косовската страна јавно изјави дека не му верува на македонскиот правосуден систем, така што прашање е дали ќе го испочитуваат потпишаниот документ ако се случи несакана ситуација, за која надлежност имаат македонските судови.


МО: Чекор за подобра соработка

Од македонското министерство за одбрана појаснуваат дека договорот овозможува подобра соработка меѓу двете армии и воспоставување заеднички правила.
– Потпишувањето на Договорот за статусот на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и Безбедносните сили на Република Косово за време на нивно привремено стационирање на териториите на двете земји, има цел да го регулира статусот на припадниците на силите и цивилната компонента, потоа процедурите за влез и излез при привремено стационирање, што подразбира учество на обуки, школување и вежбовни активности, како и транзитирање низ териториите на двете земји – велат од Министерството за одбрана.
Според нив, со потпишувањето на овој договор двете земји ја продлабочуваат меѓусебната соработка и воспоставуваат заеднички правила, кои се корисни при заеднички обуки, вежбовни активности, како и транзитирање на нивните вооружени сили.


Познавачите со поделени мислења

За генералот Илија Николовски нема ништо спорно во врска со овој договор и Македонија како членка на НАТО може да го прави тоа, вклучувајќи и со соседите.
– Тоа е договор што се потпишува со земјите-членки на НАТО и со оглед дека ние сме земја-членка на Алијансата, можеме да потпишуваме такви договори. Во времето кога не бевме членка на НАТО, добро се сеќавам на потпишување на тој СОФА-договор, со кој се овозможи влегување и излегување на НАТО-трупи на наша територија – појаснува генералот Илија Николовски.
Според него, со овој договор се регулира престој на странски трупи на територија на земји-членки на НАТО.
– Ние сега како земја-членка на НАТО можеме да склучуваме договори со други земји. Своевремено ние со САД склучивме таков договор да можат нивните војници преку Македонија да транзитираат и престојуваат. Со тоа се регулира тие војници тука да бидат заштитени, да не може никој инкогнито да упадне на наша територија. Подобро е да има договор отколку да нема – смета Николовски.


Одлуката странска армија да влезе во земјава ја носи македонскиот парламент

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски во својот осврт на случувањата вели дека СОФА-договорот е меѓународен безбедносен и дипломатски механизам, кој овозможува потесна соработка меѓу државите на полето на одбраната и безбедноста.
– Македонија досега во својата историја има потпишано редица СОФА-договори со нашите партнери од опкружувањето и од НАТО. Сличен ваков документ неделава потпишавме и со Косово. Тој подразбира процедура за полесно движење на странските воени и полициски сили низ наша територија, но истовремено не значи и слободно движење со одврзани раце на странците. Имено, според Уставот и законите, странски вооружени сили не можат да влезат или да транзитираат низ Македонија кога ќе посакаат ниту на копно ниту во воздух. За тоа ним им е потребна дозвола од парламентот, која ќе дојде низ процедурата како предлог на нашата влада за овие постапки. Од тука, произлегува дека без дозвола на Македонија, косовски безбедносни и полициски сили немаат право за влез на наша територија, а ако сакаат да го сторат тоа, може единствено да им дозволи нашиот парламент. Од тој аспект, нема простор за паника дека некој од Косово самоиницијативно кога ќе посака ќе може вооружен да влезе во Македонија – појаснува Марковски
Тој уште додава дека СОФА-договорите во суштина навистина подразбираат потесна соработка со партнерите од странските држави на полето на безбедноста, но сето тоа дури и во најситниот детаљ не може да се случи без дозвола на нашите цивилни власти пресликани во македонскиот парламент.


Внимателност со кого се потпишуваат вакви договори

Армискиот генерал во пензија Митре Арсовски смета дека СОФА-спогодбата со Косово треба добро да се проучи и да се внимава прецизно што точно се дозволува.
– СОФА-спогодбата е одамна дојдена кај нас, своевремено ја потпишавме со НАТО. Ние имавме едно непријатно искуство со неа во минатото, кога во 1999 година ни загина министер кај тунелот Катланово по сообраќајка предизвикана од возило на НАТО што се движеше во спротивен правец. Нашите власти немаа никакви ингеренции над припадникот на НАТО, туку тој беше повлечен веднаш без да му се суди тука. Каков е тој договор – прашува армискиот генерал во пензија Митре Арсовски.
Негово мислење е дека СОФА-спогодбата потпишана со Косово треба добро да се проучи и да се внимава што точно се дозволува.
– Не можам да разберам како нашата влада потпишува таков договор со земја чиј премиер во Скопје ни изјавува дека не го признава нашиот правосуден систем, а ваму бара да потпишува договор за соработка меѓу армиите. Како е тоа можно? Утре може да каже јас не ја прифаќам оваа СОФА-спогодба бидејќи не им верувам на вашите судии. Лично не би потпишал таков договор кога некој дома ми кажува дека не ми го признава судството. Па таа СОФА-спогодба е поврзана и со нашиот правосуден систем – истакнува Арсовски.
Според него, тоа е одлука на Владата и на крајот тоа мора да помине во Собранието.
– Не можеш да потпишуваш такви договори ако не си сигурен дека втората страна ќе го почитува тој договор. Курти самиот си кажа дека не ги почитува самите судии, едноставно не ни верува. Можеме да преговараме со Косово и нема никаков проблем со тоа, но мора нашата позиција да биде многу поцврста бидејќи ние сме членка на НАТО – заклучува генералот Арсовски.


СОФА-договорот открива уставноправни дилеми

Професорот по меѓународно право Игор Јанев, вели дека туѓа војска на македонска територијата отвара многу правни дилеми од уставен карактер.
Но пред да ја елаборира анализата од уставноправен карактер во врска со ова прашање, професорот Јанев низ својот карактеристичен ракурс фрла светлина на неколку битни политички моменти што се случиле, а кои имаат силен импакт на актуелната фактичка ситуација.
Имено, професорот издвојува дека договорот СОФА е прв дел од планот за конечната поделба на Македонија, меѓу Албанија и Бугарија, а овој таен план меѓу Бугарија и Албанија постои уште од 2017 г., временска рамка што коинцидира со изборот на Заев за премиер.
– САД се запознаени со овој план. Албанците и Косовците имаат зелено светло. Дури и поранешниот шеф на ЦИА имаше пред неколку години изјава во врска со планот за голема Албанија. Планот за поделба на Македонија е крајната фаза во реализацијата на тиранската платформа. Со овој план, покрај албанскиот премиер Рама, во тек е и лидерот на ДУИ во Македонија, Али Ахмети – вели Јанев.
Во секој случај, професорот по меѓународно право Игор Јанев подвлекува дека сè уште постои дилема или е нејасно дали процесот на сепарација ќе оди по мирен пат, како што е сега предвидено, или ќе мора да има војна.
Во истиот контекст, професорот ја опсервира и српската засегната страна по ова прашање.
– Исто така, нејасно е како ќе реагира Србија, посебно од нивните стравови за „голема Албанија“ и дополнително од потенцијалните закани од „голема Бугарија“. И двете држави се традиционални непријатели на Србија. Во оваа смисла косовската војска има потреба и легално да биде во Македонија – истакнува Јанев.
Продолжувајќи да ја елаборира тезата за мегалодржавните идеи што се сè уште живи во главите на некои лидери, но и во нонпејперите и тајните анекс- договори, професорот Јанев вели дека и пописот исто така потпаѓа под еден пробен балон да се процени дали процентот на Албанците може да се набилда над 30 отсто.
– Пописот претставува експеримент за натамошно дејствување… Порано во акцијата во Диво Насеље за време на престој на експретседателот Иванов во Москва, преминување на границата од Косово се третираше како терористичка инвазија. Сега СОФА е прв чекор нанапред во поделбата на Македонија, која ќе оди преку кантонизација, федерализација и конечен договор на Албанија со Бугарија за делови од територијата и границата, која ќе се дефинира по поделбата на Македонија. Договорот за поделба треба да дефинира кој дел од македонската територија ќе земе Албанија, а кој на друга страна треба да анектира Бугарија – заклучува Јанев.