Основната камата нема да се менува и таа ќе остане на нивото од 1,25 отсто, и покрај тоа што растат цените, соопшти Народната банка, откако таква одлука донел Комитетот за оперативна монетарна политика на седницата.
– На седницата беше оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25 отсто, со што се задржа олабавениот карактер на монетарната политика. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше оценето дека тековната ликвидност на банкарскиот систем е соодветна – велат од Народна банка.
Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика не покажала позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата.
– По постојаниот годишен пад во претходните четири квартали, што е поврзано со појавата на пандемијата од ковид-19, бруто-домашниот производ во вториот квартал од 2021 година забележа реален раст од 13,1 отсто на годишна основа. Растот на БДП во вториот квартал во целост произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, при негативен придонес на нето-извозот, што е во согласност со очекувањата. Во првата половина од годината беше остварен раст од 5,2 отсто, што е речиси во целост во согласност со проекцијата на Народната банка од 5,4 отсто. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2021 година со кои се располага во моментов се делумни и се недоволни за согледување на состојбите во целина.
Имено, податоците за јули покажуваат натамошен значителен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, при извесно стабилизирање на движењата кај индустриското производство на годишна основа – нагласуваат од банката.
Во однос на инфлациските движења, оттаму велат дека, во периодот јануари – август, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,7 отсто.
– Во овој период, позначителен раст се забележува кај цените на маслото и цените на нафтените деривати, предизвикан од движењата на светските берзи, а дополнително влијание имаа и зголемувањата од административна и регулаторна природа, како и повисоките цени во рестораните и хотелите, што делумно е поврзано и со мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата, при што и натаму е нагласена неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период – потенцираат од Народна банка.
На седницата било заклучено дека засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постојат.