На 177-те натпревари во ЛШ (колку што има и Касилјас), Роналдо постигна 135 гола, заедно со погодокот против Јанг бојс, 36-от клуб против кој постигнува гол во ЛШ (колку што има и Меси, пред вчерашниот дуел во 1-то коло на ЛШ)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Португалецот Кристијано Роналдо, напаѓачот на Манчестер јунајтед, на мечот со Јанг бојс (1-2) забележа уште еден рекорд во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Во 19-та сезона во ова натпреварување тој го одигра 177-от натпревар и се израмни со Шпанецот Икер Касилјас, поранешниот голман на Реал Мадрид и на Порто, од 1999 до 2019 година. Потоа на оваа листа следуваат Чави од Барселона (151 натпревар, од 1998 до 2015-та), Лионел Меси (150 од 2004-та за Барселона), Раул (142 од 1995 до 2011-та за Реал М. и за Шалке), Рајан Гигс (141, од 1993 до 2014 за Манчестер јунајтед)…
На 177-те меча во ЛШ, Роналдо постигна рекордни 135 гола (осум хет-трика) и освои пет титули првак на Европа во петте одиграни финалиња. Тој не постигна гол до 27-от настап во Лигата на шампионите, што значи дека 135-те гола ги постигна на следните 150 натпревари. Јанг бојс стана 36-от клуб на кој Роналдо му ја затресе мрежата, бројка со која може да се пофали само уште Меси (пред вчерашниот меч во 1-то коло на ЛШ). Од другите рекорди на Роналдо во ЛШ за издвојување се рекордните 17 гола во сезоната 2013/2014, 67-те погодока во нокаут-фазата и 19-те гола од пенал. Тој е единствениот играч што постигнал гол во три финалиња на ЛШ, што постигнал гол на шесте натпревари во групата, што тресел мрежи на 11 натпревари по ред и единствен со 10 гола против еден клуб во ЛШ (Јувентус).
Манчестер јунајтед на дуелот со Јанг бојс упати само два удара, што е најмала бројка што ја има забележано „Опта статистикс“ на кој било од нивните 138 натпревари во ЛШ од сезоната 2003/2004, па досега. Двата удара беа од Роналдо. Вториот гол Манчестер јунајтед го прими во 94,22 минута и тоа е најдоцна постигнат победнички гол во ЛШ, по оној на Лукас Моура за Тотенхем против Ајакс (95,01 минута) во полуфиналето во сезоната 2018/2019.