Во прeсрет на Европскиот клупски куп (ЕКК) што од сабота трeба да се игра во Струга и на кој треба да настапи и актуелниот светски првак Карлсен, потсетуваме на најголемите шаховски турнири играни во Македонија, а едни од нив се токму ЕКК, одржани досега двапати во Македонија, во Охрид и во Скопје, каде што од познатите шахисти играа, на пример, Крамник, Иванчук, Аронијан, Накамура, Чибурданидѕе, Стефанова, Горјачкина Мамеѓаров, Камски, Гришчук, Ли…

Европскиот клупски куп (ЕКК) што треба да се игра во Струга од сабота, е нов во низата големи шаховски настани што се одржувале во Македонија. На ова првенство се очекува да настапи и светскиот првак Магнус Карлсен. Во пресрет на ЕКК, во неколку продолженија потсетуваме и на други големи шаховски турнири во Македонија.
По Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 и поединечното Европско првенство, во 2001 и во 2019 година, Охрид и Скопје повторно беа домаќини на големи шаховски збиднувања. Овој пат на ЕКК. На 25. ЕКК пред 12 години, кај мажите беа пријавени 46 екипи со 376 играчи, од нив 132 велемајстори (ВМ), 56 интернационални мајстори (ИМ), а кај жените 20 екипи со 52 шахистки (девет ВМ, 12 ЖВМ). Кај мажите настапија три македонски клуба, Алкалоид, Гамбит Пексим и ГШК Кочани. Наградниот фонд изнесуваше 45.000 евра и беше најголем дотогаш во ЕКК. Од познатите шахисти играа Крамник, Иванчук, Аронијан, Накамура, Чибурданидѕе, Стефанова и многу други. По седум кола, кај мажите златото го освои руски Економист Саратов (Алексеев, Ељанов, Томашевски, Бу, Ни, Моисенко, Андрејкин и Роиз) со максимални 14 бода. Алкалоид (Мамеѓаров, Камски, Волокитин, Гусеинов, Мамедов, Недев и Станојоски) беше 11-ти со 10 бода, Гамбит Пексим 28. со седум бода, а ГШК Кочани 40-ти со шест. Кај дамите победи Спартак од Русија со 12 бода.
Шахистите на руска Сиберија (Крамник, Аронијан, Гришчук, Ли, Ванг, Коробов, Кокарев, Бочаров) и шахистките на грузиска Нона, станаа европски прваци на 31. ЕКК во шах, во Скопје во 2015 година меѓу во 50 машки екипи со 364 шахисти (111 ВМ) и 12 женски екипи со 57 шахистки (седум ВМ, девет ЖВМ). Алкалоид ја освои петтата позиција со 10 бода), Гамбит Асеко СЕЕ 26-ти со седум, МШК Центар 34-ти со шест, а Карпош 47. со три бода. Шахистките на македонскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ (Стефанова, Горјачкина, Шен, Садуакасова, Давлетбаева), со 11 бода го освоија среброто, што претставува воопшто најголем успех за македонскиот женски клупски шах. Титулата ја одбрани Нона со 14 бода. Веќе следната година, ШК Алкалоид првпат стана европски клупски првак на ЕКК во Нови Сад, Србија.