Она што е практика во светот, а се применува и кај нас, е дека оној што го нарачува модуларниот објект бара од изведувачот да гради според спецификациите што ќе му ги даде нарачателот, а техничкиот прием на објектот треба да потврди дека изведувачот ги вградил сите материјали во согласност со бараните спецификации. Дали тоа беше токму така со модуларните ковид-болници во Македонија, вклучувајќи ја и тетовската? Дополнително, дали стандардите и предвидената спецификација беа многу пониско предвидени од вообичаеното, иако, напротив, треба да бидат утврдени многу повисоко кога се однесуваат за привремени објекти со посебно значење?
Светските искуства и стандарди бараат нов пристап во изградбата на привремените
објекти за посебни намени
Пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември, во кој животот го загубија 14 луѓе, ја наметна дилемата околу стандардите по кои се градат модуларните објекти. Имено, исклучително битно е прашањето дали тие треба да исполнуваат различни стандарди во зависност од тоа за што и каде ќе се користат или, пак, сите се градат според исти, вообичаено предвидени стандарди. Очигледно дека тетовскиот трагичен случај, а и многу други примери низ светот, го даваат одговорот што, за жал, го добиваме по најтешкиот пат.
Стандарди, стандарди,
стандарди! Не импровизации!
Брзото ширење на пожарот во модуларната болница во Тетово покажа дека за модуларните објекти што се употребуваат како болници, особено во простории каде што се користи медицински кислород и каде што пациентите или не се свесни или се тешко подвижни, од исклучителна важност е да се користат незапаливи или бавногоречки материјали, кои ќе го забават процесот на горење и ќе овозможат навремена евакуација.
Токму интензивната употреба на кислород и на респиратори се покажа како клучен фактор при избивањето на неколку пожари во ковид-болници во светот, што уште повеќе ја наметна потребата од изградба на огноотпорни објекти што ќе овозможат навремена евакуација.
Во јуни годинава пожар изби во ковид-болницата во рускиот град Рјазан, при што три лица загинаа, а причина бил неисправен вентилатор. Жртвите се пациенти болни од ковид, а респираторот на одделението се прегреал и се запалил.
Минатиот месец повторно во Русија, овој пат во болница во Владикавказ на југот од земјата, поради хаварија на цевките со кислород загинаа девет лица. Слични трагедии се случија и во болница во Букурешт кон крајот на јануари годинава кога загинаа четири лица. Еден од поголемите пожари во кој животот го загубија 82 лица се случи во април оваа година во Ирак, а настанал поради експлозија на доводот за кислород. Пожар избувна и во ковид-болница во Бразил при крајот на мај годинава, при што загинаа четири лица.
Сето ова говори дека за ширењето на пожарите во ковид-болниците најмногу придонесува несоодветно вградениот материјал што лесно се пали и овозможува брзо ширење на огнената стихија, без да се остави доволно време за брза евакуација на пациентите и на персоналот.
Истрагата фокусирана на проверка на спецификацијата на вградените материјали, но и на стандардите кај другите модуларни болници
Она што е практика во светот, а се применува и кај нас, е дека оној што го нарачува модуларниот објект бара од изведувачот да гради според спецификациите што ќе му ги даде нарачателот, а техничкиот прием на објектот треба да потврди дека изведувачот ги вградил сите материјали во согласност со бараните спецификации.
– Има стандарди според кои се изведуваат ваквите модуларни објекти и тие зависат исклучиво од намената на објектот. Ако станува збор за викендичка, тогаш може да се стават и дрвен под, дрвена столарија и сè друго што ќе побара муштеријата. Во случај да станува збор за некаков киоск, исто може да се стави дрвен под со линолеум, пвц-столарија и слично. Но кога станува збор за објект што ќе се користи како болница, тогаш стандардите се сосем поинакви и Министерството за здравство морало да го стави тоа во техничката спецификација кога ги нарачувало објектите. Тоа подразбира панел-ѕидови со камена волна што се незапаливи, под од бетонски табли што не горат, стручно изведена електрична инсталација во согласност со оптоварувањето и потребите, како и задолжително вградување противпожарни системи. Тие луѓе таму се тешко болни и нивниот живот не смее да се доведува дополнително во опасност – вели експерт за изведби на модуларни објекти, кој посака да остане анонимен.
Според него, модуларните објекти можат да се стават во функција само тогаш кога ќе се изврши технички прием, со што ќе се утврди дека се задоволени сите нормативи наведени во техничката спецификација.
За Милан Петковски од Здружението за заштита при работа, потребен е стручен тим при изработката на вакви модуларни објекти што ќе стои зад сето она што е вградено.
– Прво, потребно е ангажирање на технички поткован човек што би проверил пред сè колкава е пожарната оптовареност во објектот, потоа дали елементите што се вградени се соодветни на пропишаните стандарди, од друга страна, дали при сите изведби што се направени внатре се следел техничкиот процес што превенира и не дозволува ширење пожар. Трета работа, кои системи за детекција на пожар се инсталирани, како секторски е поделен објектот за да не дојде до целосно опожарување во исто време, дали се поставени заштитни врати што имаат 30, 60, 90, 120 минути отпорност на оган што би овозможиле евакуација. Потоа, во делот на автоматска заштита, потребно е инсталирање противпожарен систем. Ние системи за детекција и гаснење пожар инсталираме во магацини, но во болници не – вели Петковски.
Потребна е итна реакција!
Според Милан Петковски од Здружението за заштита при работа, кога се градат модуларни болници, гледано од аспект на струката, значи превенција, безбедност, заштита од пожар, при што е задолжително да се почитуваат стандардите што превенираат создавање вакви ситуации како во Тетово.
– Кога имате технички прием на објектот, вие потврдувате дека тој е изграден според одредени стандарди. Доколку сите технички стандарди биле применети, тогаш немаше за три минути да изгори болницата – категоричен е Петковски.
Тој додава дека и препораките што ги дава ЕУ се однесуваат во делот на конструкцијата на ваквите објекти, на техничките мерки, максималните стандарди што овозможуваат превенција, на материјалот што се вградува и се прават самите објекти, делот на изведбата на самите структури, како и во делот на детекција на кислородот.
– Ако се докаже дека сендвич-панелот бил направен од лесно запалив материјал, доаѓаме во ситуација да се запрашаме како е во сите други модуларни ковид-болници низ земјава. Дали сите други се во потенцијална опасност? Не да испитуваме, туку треба веднаш да запреме оти е потребна итна реакција. Ако одложуваме, каде е гаранцијата дека истото ова нема да се повтори – прашува Петковски.
Што поскоро до утврдување на фактите и вистината
Новинарски тим од „Нова Македонија“ истражи какви се светските искуства при изведбата на модуларни објекти што се користат како болници. За издвојување е дека во портфолиото на сите компании што ги градат овие објекти стоеше посебна категорија кога стануваше збор за изведба на болница!
Основните карактеристики при изведбата на ваквите објекти се најпрво безбедноста, специјалниот дизајн за болници, енергетската ефикасност, вградувањето еколошки и незапаливи материјали, висок технолошки систем за превенција и заштита од пожари, како и функционално планирање на просторот што овозможува брза евакуација, но и т.н. „коморно блокирање на просториите“ за да се спречи опожарување на целиот објект одеднаш.
Во делот на локацијата, стандардите се тој да биде добро сообраќајно поврзан, резервоарите со кислород да бидат на безбедно место и заштитени од експлозија, а секој поединечен довод за кислород да поседува заштитни вентили, кои нема да дозволат неконтролирано истекување кислород во просторијата во случај на дефект. Посебно важна е изведбата на електричната инсталација, која треба да биде димензионирана според апаратите што ќе се користат, приклучоците да бидат од незапалив материјал, а секоја линија да има осигурувач и да не се дозволи никакво искрење или краток спој.
Модуларните болници треба да се обезбедени и од пристап на надворешни неовластени лица, што исто е важно за безбедноста на ваквите објекти. Останува во истражната постапка јавноста да ги добие специфичните одговори во врска со спецификацијата и стандардите на вградените материјали и другите стандарди, кои апсолутно и без исклучок треба да бидат испочитувани при изградбата на вакви објекти со посебен карактер и намена. Заради отворената истрага, која сѐ уште тече, како и заради тоа што истата таа не треба да се води под притисок на паралелни истражувања, со право сите засегнати страни се воздржани од коментари за овие неколку фундаментални прашања, кои би довеле до утврдување на фактичката состојба. Сепак, од официјалната истражна постапка јавноста очекува во најскоро време да го расветли случајот, пред сѐ и над сѐ заради идната безбедност и сигурност на своите граѓани во Македонија.