Превземањето на власта во Авганистан од страна на талибанците ги врати повторно стравувањата за нов миграција во ЕУ и во регионот, но и проблемите со шверцување мигранти и трговијата со луѓе. За оваа проблематика, но и за опасните активности поврзани со трговија на луѓе во Европа пишува угледниот магазин „Политико“, кој во свој текст на оваа тема наведува дека покрај фактот што сега Брисел стравува од нова мигрантска криза, на Стариот Континент се бележи раст на трговијата со луѓе и шверцување бегалци. Имено, магазинот наведува дека базите на податоци на разузнавачките агенции во Европа предупредуваат на зголемена трговија со лица што периодов по случувањата во Авганистан биле дури продавани и за сексуална експлоатација или принудна работа во земјите од ЕУ. Според медиумот, највообичаени правци за шверцување лица се преку Турција до Источна Европа или преку вода од Медитеранот до Италија. Според меѓународната организација за миграција (ИОМ), има голем пораст од 30 до 40 проценти на бројот на Авганистанците што бегаат од земјата во изминатиот месец. Многу од нив завршуваат во рацете на криминалните групи за шверцување, кои најчесто се раководени од талибанци. Ник Бишоп, службеник за итни случаи во ИОМ, вели дека порастот се должи на „неодамнешното повлекување на меѓународните трупи и последователното брзо влошување на безбедносната состојба низ целата земја“.