Моџо, Паркети, Виктор Апостоловски и уште многу други битолчани одбраа по една филмска тема и на промотивниот пулт на Широк сокак ќе седат и ќе раскажуваат филмoви, слично на раскажувањето кое во минатото го правеле старите битолчани. Битола се подготвува за фестивалот „Браќа Манаки“. Годинава Битола ќе живее за филмот, ќе раскажува за филмот, ќе пее за филмот. Ова беше речено на денешната прес-конференција пред одржувањето на фестивалот.
– Се радуваме дека оваа година ќе имаме фестивал. Се прилагодивме на околностите, и фестивал ќе има благодарение на три сона. Првиот е благодарение на Друштвото на филмските работници на Македонија, кое како основоположник на фестивалот
одлучи дека мора да има фестивал. Тоа е нашиот прв сон. Вториот сон е дека фестивалот мора да ѝ се врати на Битола, да се врати како добар домаќин на прослави, веселби, како што знае да биде, и тоа ќе се случи. Годинава имаме Оф-фест програма, а благодарение на Слаѓан Пенев имаме филмови кои се од кремот на годинашната програма. Третиот сон е што се организираше една група луѓе која сакаше сето ова да го реализира. Нашата цел е Битола да ја направиме позната во светот преку овој
фестивал, имаме извонредно жири, одлични филмови – рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски – Мони, на прес-конференцијата која денеска се одржа во Битола.
Селекторот на официјалната програма Слаѓан Пенев ја презентираше филмската програма која претставува врв на сè она што е актуелно во филмската уметност во моментов. Тоше Ивановски е координатор на Оф-програмата и истакна дека Битола како рамноправен партнер на фестивалот треба да преземе што повеќе предизвици и што повеќе битолчани треба да бидат вклучени. Од Дамевски и од овој тим нѝ се даде таква можност и ќе ја оправдаме.
– Два пункта на Широк сокак ќе бидат промотивни точки каде сите минувачи ќе го почуствуваат градот жив и разигран. Моџо, Паркети, Виктор Апосоловски и уште многу други битолчани одбраа по една филмска тема и на промотивниот пулт ќе седат и ќе раскажуваат филмови, слично на раскажувањето кое во минатото го правеле старите битолчани. Во анимација ќе учестуваат и музичари, фото-клубот од Битола со изложба, пантомима, ќе има сегмент „Живи слики“, филмска музика ќе се изведува на Широк сокак, промоција на дела од Ана Јовковска. Овде ќе ја истакнам и фонотеката на Сашо
Ставрев и неговиот татко кои ќе ја споделат со битолчани и со гостите и посетителите на фестивалот својата богата фонотека создавана низ годините – истакна Тоше Ивановски. М.М.