Два различни агли на парадата за независноста
Додека мнозинството од публиката уживаше во парадата, педантното око на оние што професионално се занимаваат со организација на ваков вид настани увиде неколку протоколарни и безбедносни пропусти. Сепак и оние што сакаат да најдат „влакно во јајцето“ добронамерно ставија забелешки на неколку моменти од манифестацијата, кои би биле „лекција“ за во иднина да не се повторат, бидејќи може да направат и „хаварија“ на многу повисоко ниво и да имаат потешки последици.
Имено, без оглед на сценариото на самата манифестација, несомнено изведбата на македонската химна требаше да биде првото нешто што треба да се случи и со што на најсвечен начин ќе започнеше манифестацијата, по што можеше да почне парадирањето на сите учесници.
Втор протоколарен гаф е местото на седење на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, непосредно до премиерот Зоран Заев и претседателот на државата Стево Пендаровски. Со тоа беше испратена лоша порака, бидејќи на некој начин директно се истакна „сивата еминенција“ во државата, оти во спротивно местото на Ахмети требаше да биде кај партиските лидери, а не до државниот врв, бидејќи тој не е носител на никаква висока државна функција.
Можеби најкрупниот пропуст беше направен кога непосредно по упатувањето на претседателот Пендаровски кон свечената бина, каде што требаше да го одржи својот говор, зад него помина велосипедист.
Според Љубомир Ѓурчевски, експерт за безбедност, инцидентот со велосипедистот пред говорот на Пендаровски претставува највисок безбедносен пропуст, за што се презема одговорност.
– Тоа е најголем безбедносен пропуст на безбедносните служби задолжени за безбедноста на претседателот. Замислете што ќе се случеше тој човек со умисла да се обидеше да го загрози животот на претседателот на државата? Или на кој било друг функционер што беше во близината? Тоа е само една хипотетичка претпоставка, но е силна опомена дека тоа апсолутно не требаше да се случи – смета Ѓурчевски.
На иста линија е и социологот Ацевски, за кого иако дел од безбедносните служби активно учествуваа на парадната писта, оние што професионално си ја извршуваа работата и во моментот на манифестацијата требаше да го спречат овој инцидент.
– Ние имаме повеќе безбедносни служби. Бевме сведоци дека некои од нив, односно нивни делови се претставија на парадата. Но тоа не значи дека со тоа ги исцрпевме безбедносните ресурси за сигурност и обезбедување личности и настани. Каков апсурд беше ова со велосипедистот. Доволно беше само да фрли една петарда, за да се сфати целата сериозност на ситуацијата – алегорично дискутира социологот Ацевски.
За него симптоматично е и позиционирањето на Ахмети веднаш до премиерот и претседателот на државата. И за позиционирањето на највидните личности, социологот има замерка до протоколот.
– Не ми е јасно што бараше Ахмети таму? Тој требаше да седи заедно со сите партиски лидери. Вака се испраќа една поинаква порака и протоколот треба да даде одговор за тоа – истакнува Ацевски.
За крај, можеби треба да се спомене дека за време на парадата објективот на фоторепортерот на „Нова Македонија“ забележа и еден куриозитет, при што меѓу возилата во парадата се најдоа неколку возила, од различни служби, на кое стоеше името на нашата држава пред Договорот од Преспа: Република Македонија.
Повеќе од јасно е дека не станува збор за никаква провокација, ниту порака на некоја од службите, а уште помалку да се има намера да им се даде повод на Грците за нова реакција, но кога веќе е утврдена јасната државна политика, би било добро да се обрнува повеќе внимание на сите детали и тие да се предвидуваат однапред, за да нема основа за лавина реакции и многу потешки последици од ненамерните пропусти што ќе направат нашата држава да биде ставена во уште потешка ситуација отколку онаа што ни е наметната однадвор.