ПАРАОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ТОКИО
Наковска-Бикова на ПОИ 2020 ја очекуваат настапи уште во две дисциплини, и тоа утре со спорт пиштол од 25 метри и пиштол во слободен избор од 50 метри в сабота
Единствената македонска натпреварувачка на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, го освои шестото место во финалето во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри и со тоа ги оправда очекувањата дека ќе влезе во финалето, каде што потоа нијанси одлучуваат за медалите. Единствената македонска параолимпијка во квалификациите беше на осмото место, со 557 погодени круга.
Златниот медал ѝ припадна на Иранката Сарех Јаванмарди со вкупен резултат од 239,2 погодени круга во финалето, што е нов светски и параолимписки рекорд, а и во квалификациите таа имаше најдобро постигнување (572 круга).
Наковска-Бикова до крајот на ПОИ ја очекуваат настапи уште во две дисциплини, и тоа утре со спорт пиштол од 25 метри и пиштол во слободен избор од 50 метри в сабота.
Македонската параолимпијка, чиј настап во Токио е петти во низа на ПОИ, и во следната дисциплината со воздушен пиштол од 25 метри има извонреден резултат, кога всушност и ја исполни нормата за настап на ПОИ во Токио. Тоа се случи на Светското првенство во Чеонгју (Јужна Кореја), во мај 2018 година, кога во квалификациите со 570 погодени круга го израмни светскиот рекорд, во конкуренција на 31 натпреварувачка, а во финалето го освои бронзениот медал.