Владата вечерва го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за онлајн организирање на наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од 14 дена од почетокот на учебната година и онлајн настава од првите 7 дена во Кичево и Струга, заради ситуацијата со вирусот во овие општини, по што, откако ќе заврши овој период, ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата.
На денешната седница е дополнет и протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголеми бројот на деца од 21 на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите до 2 години.
Утре во Македонија почнува школската година, која во повеќето градови, со исклучок на горенаведените, ќе биде со физичко присуство.
„Ова е многу важно за децата и учениците бидјеќи недвосмислено сите анализи покажуваат дека тие мора да одат на училиште и дека повторно одлагање на учебната година или учење онлајн е на нивна штета. Речиси сите земји во светот го вратија нормално училишниот процес, ќе го направиме тоа и ние“, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.