ГЕВГЕЛИЈА

Вчеравечер, под отвореното небо, на платото пред Народниот театар – Гевгелија, со проекциите на документарните филмови: „По долината на реката Вардар“, „Свилен конец“, „Дојранско Езеро“, „Птиците доаѓаат“ и „Со Тито низ Македонија“, младата и повозрасната гевгелиска популација имаа можност да се навратат во минатото на стара Гевгелија. Тие ги гледаа на професионално платно горенаведените филмови од националниот филмски фонд на Кинотеката на РСМ, на репертоарот за првата вечер од тридневниот културен настан „Гевгелија низ филмот“, во организација на домот на културата „Македонија“ – Гевгелија.
– Во состав на програмата, во малата сала на Народниот театар, гевгеличанката Марија Џиџева, филмска режисерка, одржа работилница на темата „Како да раскажеме приказна од Гевгелија“. Пред присутната публика, односно на учениците, Џиџева им ги откри тајните на нарацијата и можноста да го искористат филмскиот јазик во училишните активности, раскажувајќи филмски приказни. А потоа, заедно со колегите Александар Трајковски и Тихомир Кашмицовски, им зборуваше за процесот на дигитализацијата и реставрација, односно како порано се работеле филмовите и на кој начин се одвиваат постапките во процесот за нивно зачувување – информираат во Општината.

Вечер, со почеток во 20 часот, продолжува проектирањето на филмовите: „Фабрика на витамини“, „Во долината на цветовите“, „Бели штркови“ и „Русалии “.
Организаторите ги повикуваат граѓаните на Општина Гевгелија доколку во својата приватна филмска архива поседуваат снимки од стара Гевгелија, семејни прослави и сл., а се работени на суперосмица, истите тие да ги достават во просториите на Народниот театар – Гевгелија, во канцеларијата на домот на културата „Македонија“ – Гевгелија. Со цел истите тие да се дигитализираат, со идеја да се направи филмска хроника за растењето на градот и неговите жители.