Километри жичени огради и ѕидови високи по неколку метри изминатиов период се
поставуваат по должината на европските надворешни граници во повеќе земји. Овие случувања, според информациите на медиумите, имаат цел да го спречат можното сценарио за заживување на нов мигрантски бран во Европа од Авганистан
Стравот од избувнување ново бегалско цунами ги мотивира европските држави да градат километарски долги ѕидови со боцкави мрежи, како во времето на Студената војна. Ваква констатација носат пишувањата на европските медиуми, кои на границите од континентот и на Исток и на Југ регистрираат голем број примери каде што земјите веќе подигаат жичени огради. Во својата информација на оваа тема германски „Дојче веле“ пишува дека три европски држави, Литванија, Летонија и Полска, во моментов подигаат огради високи и по неколку метри по должината на границата со Белорусија за да го спречат приливот на мигранти. Имено, како што соопштија владите на овие земји, изминатиот период во регионот е забележан голем пораст на илегални мигранти од Белорусија, обвинувајќи го белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи како притисок врз Европската Унија за укинување на санкциите против него и неговата земја.
– Физичката бариера е клучна за да се одбраниме од хибридниот напад што белорускиот режим го спроведува против Литванија и ЕУ – рече премиерката на Литванија, Ингрида Шимоните.
Според владата во Вилнус, оградата што почна да ја гради Литванија ќе биде висока три метри, зајакната со боцкава жица, и ќе чини најмалку 152 милиони евра.
Полска ќе се брани од мигранти со 2,5 метри висока ограда
Минатата недела, пак, повеќе европски земји ја обвинија Белорусија за директен напад со испраќање илегални мигранти преку границата и, плашејќи се од потенцијален бран бегалци од Авганистан, соопштија дека Европа мора да ги зајакне своите надворешни граници во иднина. Она што е досега познато од информациите во западните медиуми е дека годинава најмалку 4.141 мигрант влегле во Литванија, земја со население од околу 2,8 милиони. Паралелно со случувањата во Литванија, властите во Полска исто така информираа дека ќе почнат со подигне цврста ограда висока 2,5 метри на границата со Белорусија и ќе го зголемат бројот на војници што ѝ помагаат на полската гранична стража за да го спречи влезот на бегалци што пристигнуваат преку Белорусија. Кон крајот на минатата недела, министерот за одбрана на Полска, Мариуш Блашчак, соопшти дека 900 војници ѝ помагаат на граничната стража во патролирање и обезбедување на границата со Белорусија и дека веќе се подигнува ниска ограда со боцкава жица по должината на границата.
Југот на континентот лесно прооден?
Од друга страна, Асошиејтед прес информира дека слична постапка почна и Владата во Атина, земја што е на југот од Европа. Имено, според грчки „Катимерини“, Грција подигнува ѕид долг 40 километри со ограда и надзор на границата со Турција, поради можноста за пристигнување бегалци од Авганистан.
– Не можеме пасивно да чекаме потенцијално пристигнување – изјави министерот за цивилна заштита Михалис Крисохоидис, додавајќи дека границите на Грција ќе останат „неповредливи“.
Неговиот коментар следува откако Турција ги повика земјите од ЕУ да преземат одговорност за бегалците од Авганистан. Во телефонски разговор со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека зголемувањето на пристигнувањата на луѓе од Авганистан може да биде „сериозен предизвик за сите“. Иако набљудувачите велат дека нема индикации за масовно движење преку турско-иранската граница, клучната миграциска маршрута од Централна Азија до Европа, Ердоган нагласува дека неговата влада ја зајакнала источната граница со војници, жандармерија, полиција и нов ѕид. Засега турските власти тврдат дека пресретнале 35.000 Авганистанци што илегално влегле во земјата оваа година, во споредба со повеќе од 50.000 во 2020 година и повеќе од 200.000 во 2019 година. Инаку, според статистичката агенција на ЕУ, околу 630.000 Авганистанци поднеле барање за азил во земјите на ЕУ во изминатата деценија, од кои најголем број во Германија, Унгарија, Грција и во Шведска. УНХЦР проценува дека 90 проценти од 2,6 милиони авганистански бегалци живеат во соседните Иран и Пакистан.