Локализиран е пожарот во атарот на селото Владимирово во општина Берово, на планината Готен, додека забележани се помали интервенции во однос на другите градови, при што противпожарните екипи дејствувале веднаш, информира Илија Бојаровски од Центарот за управување со кризи (ЦУК) на денешната прес-конференција.
Противпожарната бригада на Скопје во текот на вчерашниот ден интервенирала во запалена куќа, штала и помошни простории во село Идризово, општина Петровец, каде што имало закана за проширување на пожарот.
Пожарникари, четворица вработени во шумското стопанство Бабуна, двајца припадници од МВР и двајца мештани интервенирале на запалена нискостеблеста дабова шума, сува трева, како и два електрични столба на ЕВН во атарот на село Ветерско. РЦУК Велес претпоставува дека пожарот е предизвикан од електричните столбови.