Агенција за супервизија на осигурувањето:
До крајот на јуни годинава, во Агенцијата за супервизија на осигурувањето пристигнале 82 претставки од осигуреници, кои биле незадоволни од работата на осигурителните компании. Од нив 67 ги поднеле граѓани, а 15 фирми. Оваа бројка покажува двојно зголемување на претставките во однос на истиот период лани.
Постапувајќи по претставките, АСО за три осигурителни компании изрекла четири мерки, од кои две се парични глоби. Бројот на решените претставки е зголемен за 220 проценти.
– Од вкупно 82 претставки во првото полугодие годинава, 16 се решени во корист на подносителите т.е. осигурениците што во АСО пријавиле дека се незадоволни од тоа како компанијата ја решила пријавената штета. Тоа е за 220 отсто повеќе решени претставки во корист на осигурениците во споредба со истиот период минатата година – велат од АСО.
Во 21 случај претставката била за висината на надоместокот што осигурителното друштво ја понудило за компензација на настанатата штета. Тие претставки не се процесирани затоа што АСО не одлучува за висината за понудениот надоместок за штета.
Во корист на компаниите се решени 34 од сите поднесени претставки. За седум претставки е утврдено дека се поднесени без основа, две си ги повлекле подносителите, а за уште две постапките се во тек.
За штети настанати кај осигурување од автомобилска одговорност, што е најзастапено осигурување бидејќи е задолжителна со закон, се поднесени најголемиот дел од претставките, вкупно 33. За отштетни побарувања покриени со осигурување од незгода биле поднесени 19 претставки, а девет поднеле незадоволни осигуреници од осигурување имот. Имало незадоволни клиенти и за другите видови осигурување. Па така, пет претставки се за осигурување живот, две за здравствено осигурување, а по една за осигурување посеви и плодови, патничко осигурување, каско-осигурување, осигурување финансиски загуби и осигурување од општа одговорност. Има уште две, за други видови осигурување.
Како причина за незадоволството на осигурениците во 29 случаи била основата за исплата на штета, а во 21 случај висината за надоместокот. На рокот во кој компанијата треба да одговори по приговор се жалеле петмина подносители на претставки. По четири претставки има за рокот за обработка на штета и за исплата на надоместок, а две за висината на регрес. Уште десет претставки се поднесени по преостанати основи за поднесување.