Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хрватска

Претставниците на руралните општини во Хрватска предлагаат повеќе мерки за заживување на селото, но се жалат и на преголемата „европска“ бирократија за добивање на финансиската помош за развој на земјоделското производство

Хрватското село е во процес на изумирање поради масовната миграција на младите во земјите од Европската Унија. Сопствениците на семејните земјоделски стопанства се плашат за опстанокот на нивните вековни огништа, политичарите се обидуваат преку ветувања и добивање средства од европските фондови да го вратат животот во опустошените хрватски села. Поранешниот министер за обнова и европратеник Јозо Радош смета дека европската политика кон руралните заедници, и покрај бирократизацијата, е позитивна, но предупредува дека досегашните обиди на хрватската влада не дале резултати во руралниот развој на земјата.

Извршното тело на Унијата ја донесе долгорочната визија за руралните подрачја, со цел тие да станат посилни, поврзани и поотпорни на сегашните услови на стопанисување. Селското население во ЕУ во просек е постаро од градското, а слабата поврзаност, неразвиената инфраструктура, осуството на разни можности за вработување и ограничените понуди на разни услуги се сѐ помалку атрактивни за живот и работа на младите. Во анкетата, која била спроведена во 2020 година, околу 50 отсто од испитаниците од ЕУ изјавиле дека најитно е потребно подобрување на инфраструктурата во руралните подрачја, а 43 отсто сметаат дека недостига достапност за основните услуги, како што се водоснабдувањето и електричната енергија, како и финансиските услуги на банките.

Во програмите за заживувањето на селото се предвидува и развој на дигитализацијата во руралните подрачја.
– Ние работиме на дигитализацијата, но луѓето што останале немаат доверба ни капацитети да ја спроведат трансформацијата. Жителите се „отпорни“ на новата информатичка технологија, а не располагаат и со соодветна технолошка поддршка. Едноставен пример – купувам нов трактор, а ќе се расипе некоја светилка. Дури ни овластените сервисери немаат решение за дефектите. А тоа е само еден проблем – вели Томислав Харшањи, земјоделец од Славонија за „Хина“.

Претставниците на руралните општини, како дел од мерките за задржување на луѓето на село, предлагаат субвенционирање на локалниот автобуски превоз, укинување на патарините до првиот поголем градски центар, потикнување на обновата на застарените објекти, искористување на запуштените земјишта, ревитализирање на шумите, субвенционирање на зимска облека и обувки поради отежнатите услови за живот на село.

Парламентот донесе програма за рурален развој на Република Хрватска за период 2014-2020 година, со која беа ставени на располагање 2,4 милијарди евра. Во програмата беа дефинирани целите за зголемување на конкурентноста на хрватското земјоделство, шумарство и преработувачка индустрија, но и за унапредување на животната средина и работните услови во руралните подрачја.

Мира Гардош е една од земјоделците што искористиле средства од националната програма. Таа со семејството се доселила од Трст во истарското село Зрењи и почнала да се занимава со козарство.
– Можностите се големи и штета е ако луѓето не ја искористат националната програма. Не е лесно да се работи на село, особено за време на пандемија, но трудот на крајот се исплати – вели Мира.

Хрватските земјоделци како проблем ја посочуваат обемната процедура за добивање на помошта од националната програма и од ЕУ-фондовите. Службите во хрватското министерство се недоволно ефикасни, а земјоделците немаат време да ги бараат потребните документи, кои не се во мал број.