На средбата со претставници на Сојузот на слепи ми беше предочено дека аудиочитачот „Кико“ е добра апликација која навистина им помага во нивното секојдневно работење, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на средбата со претставниците на Сојузот на слепи лица.
„После само еден месец откако аудио читачот е достапен, лицата со оштетен вид имаат серозни придобивки. Претставниците на Сојузот на слепи ми посочија дека аудио читачот е добра алатка бидејќи генерира природен разбирлив глас на македонски јазик. Им овозможува да имаат пристап до сè што претставува секојдневна комуникација, од социјалните мрежи па се до препознавање на бои и организација во движењето. Ние како МТСП и понатаму продолжуваме да работиме за олеснување на секојдневието на лицата со попреченост“, посочи министерката.
Претседателот на Сојузот на слепи Жарко Селковски, рече дека дигиталната алатка е од големо значење за слепите лица.
„За еден месец колку што го имаме аудиочитачот не само што го користат голем број наши членови туку го користат и лица со оштетен вид од околните земји, Србија, Хрватска и Бугарија“, кажа Селковски.
Членката на Сојузот на слепи лица Анита Георгиевска рече дека е задоволна што слепите лица конечно имаат говорен програм на свој мајчин јазик.
„Се надевам дека што повеќе луѓе ќе дознаат за овој говорен програм, ќе го користат и ќе бидат задоволни исто како што сме ние“, рече Георгиевска.
Апликацијата „Кико“ е целосно бесплатна, и е достапна за сите лица со слаб, оштетен и целосно изгубен вид.
Изработена е во соработка со УНДП, а во финална фаза е албанската верзија на аудиочитачот „Хана“. На средбата се разговараше и за паричните права наменети за лицата со посебни потреби, за придобивките од намалување на возрасната граница за лична асистенција од 18 на 6 години.
Министерката Шахпаска упати и апел до лицата со попречености да пристапат кон процесот на вакцинација.