Водните извори на Балканот се чувствителни на климатските промени и секоја промена влијае на приносите во земјоделството и на енергетскиот сектор, предупредуваат агрометеоролозите
Екстремните високи температури што го зафатија Балканскиот Регион се одразија на просечните приноси на земјоделските култури и овошките, а особено на житарките. Порастот на просечните температури предизвикаа суши и намалување на водостојот на реките и езерата, кои влијаеја на недоволното наводнување на земјоделските површини. Покрај ова, и поројните дождови, проследени со град, им направија дополнителна штета за земјоделците, кои годинава се соочуваат и со помали приноси. Тоа влијаеше и на порастот на цената на градинарските култури и на овошјето, кои достигнаа максимални цени на зелените пазари во земјата и во регионот.
Водените извори на Балканот се чувствителни на климатските промени и секоја промена влијае на земјоделството и на енергетскиот сектор. Колкави се штетите од нарушувањето на климата на Балканот покажуваат и податоците за поплавите во 2014 година, кои „однесоа“ околу 15 отсто од БДП на Босна и Херцеговина и 4,7 отсто од БДП на Србија за покривање на штетите од природните непогоди и од изгубените приходи. Експертите предупредуваат дека температурата на Балканскиот Полуостров последните години станува повисока, регионот има и помалку дождови. Се очекува Албанија да се соочи со најголем сушен период. Македонија веќе бележи раст на сушните денови и на бројот на поплавите, а се очекува да има најголем пад на дождовите во летниот период. Србија и БиХ имаат поголем доток на вода во некои делови, но во некои делови имаат помалку дождови.
Високите температури и сушата влијаеле на вегетацијата на житарките во БиХ и се очекува приносите годинава да бидат помали и за 70 отсто во однос на лани. Ова ќе предизвика и недостиг од храна за одгледување на стоката. Последните извештаи предупредуваат дека приносите на пченка во Србија ќе бидат различни во различни региони.
– Пченката е нашиот најголем извозен производ. Поради сушата и болестите предизвикани од временските промени, нема да се остварат очекувањата за годинашнава реколта. Очекувам приносите за оваа култура да бидат помали за 20-30 отсто – вели Жарко Галетин, аграрен аналитичар за „Политика“.
Според анализата на ФАО, годинава има турбуленции на пазарот на храна во светот. Наспроти падот на оризот, кој се одржува на двегодишно минимално ниво, пченицата поскапе за 1,8 отсто и достигна највисоко ниво од 2014 година, поради сушата во Северна Америка, силните дождови во Европа и ниските приноси во Русија.
Македонските земјоделци исто така се жалат на сушата, која им го намали приносот на житните култури. Од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија за „Независен“ велат дека ако потрае сушата во наредните десет дена, од Министерството за земјоделство ќе бараат прогласување елементарна непогода.
На лошите временски услови предупредија и агрометеоролозите, кои истакнаа дека високите температури во текот на изминатите денови придонесоа да има поизразено губење на почвената влага, која се движи од 6 до 7 милиметри на ден.
– Незапамтено високите температури, кои траат со денови, ова лето ќе го преполоват родот. Ако од еден декар наводнувана земјоделска површина може да се добие и до 400 килограми тутун, без наводнување на истата површина се добива само 80 килограми тутун – изјави Игор Мирчески, земјоделец од Пелагонија.
Од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија велат дека сушата ова лето го направи нерентабилно земјоделското производство. Без врнежи и влага во почвата настрадаа многу земјоделски култури. Најмногу се погодени регионите во источниот дел на државата, како и прилепскиот и битолскиот регион. Во тутунопроизводството и кај пролетните култури (пиперот, кромидот, лукот…), поради целата ситуација, нема да имаме рентабилност кај производството.
Годинава сушата кај пченицата ги намали приносите за најмалку 30 проценти, Така, ако од еден хектар се очекуваа три тони пченица, оваа година даде до 2,1 тони пченица. Намалените приноси кај домашните земјоделци се одразија и на цените на зелените пазари, каде што годинава производите не се симнаа поради сезонскиот карактер, а доматите, пиперките и краставиците се продаваат за над педесет денари за килограм.