Со реализацијата на проектот се очекува намалување на бројот на нелегални депонии за градежен отпад и шут за 20 отсто, како и намалување на градежниот отпад во целост за 30 отсто, потенцираат градските власти

СКОПЈЕ ДОБИТНИК НА ИПА-ПРОЕКТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ГРАДЕЖЕН ОТПАД

Градежниот отпад е можеби еден од поголемите проблеми на нашиот главен град, а и на градските власти. Со оглед на тоа што Скопје е метропола, но и со оглед на тоа што најголемиот процент на реализирани градби се токму во главниот град, факт е дека создавањето диви депонии сочинети од градежен шут насекаде низ градот се доста сериозен проблем за сите нас.

Документирани граѓански сведоштва за загадувачи на градот со градежен шут

Во неколку наврати на социјалните мрежи беа објавувани голем број видеа, на кои случајни минувачи снимале потенцијални загадувачи на зеленилата и реките во градот со градежен шут.
Откако видеата беа поставени на социјалните мрежи, градските власти експресно реагираа и ги санкционираа сторителите. Но состојбата ни малку не е подобрена во тој поглед. Градот сѐ уште мака мачи со овој вид загадувачи, кои остатоците од железа и жици, кабли, тули, малтер и сѐ друго што потпаѓа под градежен шут, ги исфрлаат буквално каде што ќе им текне.
– Насекаде каде што имаат можност да ги истураат камионите со градежен отпад тоа и го прават. Ете, ако забележите кај клучката кај Крњево, преполно е со градежен шут, а исто е и на Словенечка. Кој каде застанал, таму исфрлил стотици килограми отпад. Не ни се виновни општините, туку оние што намерно го прават тоа, уништувајќи ги природата и воздухот што го дишеме – вели Душка Стојановска.
Можеби најголемиот проблем од ваквиот тип загадување е неконтролираната прашина што се шири при малку посилен ветер, со што дополнително се загадува и онака кревкиот чист воздух што го имаме во градот.
– При посилен ветер воздухот е маглив од ваквите депонии. Облаци прав се создаваат. И залудно е колку и да го чистат надлежните, кога за неколку дена на истото место повторно ќе направат градежна мини-депонија – вели Стојановска.

ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО ПРОЦЕСИРА И РЕЦИКЛИРА ГРАДЕЖНИОТ ОТПАД

Со цел справување со проблемот со градежниот отпад, градските власти ќе го процесираат и рециклираат за да се намали неговото количество.
Град Скопје, „Смарт ап“ (НВО во состав на „Скопје лаб“) и јавното претпријатие „Дрисла“ се добитници на ИПА-проект за управување со градежен отпад и негова повторна употреба. Вкупната вредност на проектот е 800 илјади евра, а ќе се реализира две години.
– Со оглед на фактот што градежниот сектор претставува значителен столб во целокупната економија, а на Скопје и на скопскиот плански регион им недостига модерен регионален центар за процесирање и рециклирање отпад, воведувањето циркуларни принципи токму во оваа гранка ќе има огромно влијание врз индустријата. Според направените истражувања, Северна Македонија генерира околу 1,95 милион тони градежен отпад годишно. Како земја кандидат, државата ќе мора да се придржува кон регулативите за управување со отпад и барањата на ЕУ во делот на циркуларната економија – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека крајните корисници на услугите, како и на придобивките од овој проект се Град Скопје, јавното претпријатие „Дрисла“, градежните компании и, секако, граѓаните на Скопје.
– Со проектот имаме цел да ги детектираме и мониторираме неконтролираните депонии со помош на ГИС-системи, а податоците што ќе се генерираат ќе бидат база на податоци за инвентар и првични официјални информации за иницијално идентификување, дигитализирање и набљудување на градежниот отпад. Предвидена е и набавка на соодветна механизација како дробилица за градежен отпад, камиони за транспорт и механизација за сортирање различни видови отпад – информираат од Градот.
Во конзорциумот на имплементатори на овој проект е вклучен и пионерот во воведувањето циркуларна економија и рециклирање отпад „Нова Горица“ од Словенија, државата што успешно ја спроведе стратегијата нула отпад.
– Со реализацијата на проектот се очекува да се зајакнат капацитетите на локалната власт во однос на обучен кадар во областа на циркуларните принципи и креирање нови работни места, кои ќе бидат пионери токму во оваа гранка, воведување циркуларна економија, намалување на бројот на нелегални депонии за градежен отпад и шут за 20 отсто, како и намалување на градежниот отпад во целост за 30 отсто – потенцираат градските власти.

[email protected]