Во најобемниот светски извештај за климатските промени досега се наведува дека до 2040 година Земјата ќе се загрее за 1,5 степен, при што „нема сомнение дека човечкиот фактор е тој што влијаеше врз загревањето на атмосферата, океаните и копното“. Ова веќе не се климатски промени, ова е климатски хаос, сликовито ги опиша состојбите Кристијана Фигерес, извршна секретарка на Рамковната конвенција на ООН за климатски промени
Загрижувачки заклучоци на ООН во однос на климатските промени
Веќе до 2040 година, Земјата ќе се загрее за цели 1,5 Целзиусов степен, дури една деценија порано одошто се очекуваше. Ова е загрижувачкиот заклучок од извештајот на Обединетите нации во однос на климатските промени.
Досега научниците предвидуваа дека затоплувањето од 1,5 степен на Земјата ќе се случи некаде помеѓу 2030 и 2052 година, но сега се убедени дека до тоа ќе дојде најдоцна до 2040 година.
Во најобемниот светски извештај за климатските промени досега, се наведува дека „нема сомнение дека човечкиот фактор е тој што влијаеше врз загревањето на атмосферата, океаните и копното“. А доказ за ова се рекордните температури, како и пожарите и поплавите што ги погодија државите во светот.
Во моментов, огромни пожари беснеат во Грција и во Турција, а минатиот месец Европа ја доживеа најголемата поплава во последниве неколку децении, која одзеде 180 човечки животи во Германија, Белгија, Луксембург, Швајцарија и во Холандија.
Од друга страна, од голем топлотен бран смртно страдаа стотици луѓе на западниот брег на САД и на Канада, а најмалку 300 луѓе загинаа во поплавите што го беа зафатиле овој регион кон крајот на јули.
Извештајот беше објавен од страна на Меѓународната комисија за климатски промени при ООН (ИПЦЦ). Во него има предупредување дека поради затоплувањето во поларните региони, морското ниво расте, поради што многу крајбрежни подрачја и острови би можеле целосно да исчезнат под вода.
Црните предвидувања велат дека уште пред 2050 година, Арктикот веројатно барем еднаш во септември ќе остане без мраз.
– Денешниот извештај на Работната група 1 на ИПЦЦ претставува црвен аларм за човештвото. Доколку сега ги здружиме силите, може да ја спречиме климатската катастрофа. Но како што денешниов извештај јасно покажува, нема време за одложување, ниту место за изговори. Сметам на шефовите на владите и на сите засегнати страни и очекувам дека ќе обезбедат успех на следната годишна климатска конференција на ОН, ЦОП26 – изјави за јавноста генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Кристијана Фигерес, извршна секретарка на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, која, пак, го овозможи потпишувањето на Парискиот договор за климатска заштита, во една изјава вели дека ефектите од климатските промени се многу пораширени од она што се мислело.
– Ова веќе не се климатски промени, ова е климатски хаос. Извештајот ни нуди научно гледиште во однос на климатскиот хаос, кој секојдневно одново го живееме – рече Фигерес.