Владата на Италија ги повика регионите да дадат приоритет во вакцинација на жителите на возраст од 12 до 18 години, со цел таa возрасна група да се вакцинира пред почетокот на училишната година и спортските активности низ целата земја.
Специјалниот комесар на италијанската влада за ковид-19, Франческо Паоло Фиглиуоло ги повика регионалните гувернери да дозволат безрезервно, тинејџерите да се вакцинираат.
– За да се забрза вакцинацијата кај лица на возраст од 12 до 18 години, треба да им се даде приоритет иако тие не се претходно регистрирани – напиша Фиглиуоло, додавајќи дека новата мерка треба да стапи на сила на 16 август.
20 региони се задолжени за спроведување на вакцинацијата во Италија.
Околу 40 проценти од Италијанците на возраст под 19 години се вакцинирани со најмалку една доза, а 23 проценти целосно.
Само вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“ се одобрени за оваа возрасна група во Италија.
Италијанскиот премиер Марио Драги минатата недела вети дека училиштето ќе започне со настава во училниците во септември и донесе одлука со која наставниците мора да имаат сертификат за имунитет на коронавирусот.
Според владините податоци, до 11 август, околу 66 проценти од Италијанците се вакцинирани со една доза, а 56 проценти се целосно вакцинирани.