Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека ќе се изврши клиничко испитување на три антиинфламаторни лекови во 52 земји, како потенцијални третмани за пациенти со ковид-19.

Минатогодишното истражување покажало дека од избраните лекови, само кортикостероидите биле ефикасни против тешка и критична форма на коронавирус.

– Независната група на експерти ги избра артесунат, иматиниб и инфликсимаб поради нивниот потенцијал да го намалат ризикот од смрт кај хоспитализирани пациенти заразени со ковид-19 – се вели во соопштението на СЗО.

Aртесунат се користи против маларија, иматиниб против одредени видови на рак и инфликсимаб за болести на имунолошкиот систем како што е ревматоиден артритис, соопштија експертите.

СЗО објави дека артесунат, произведен од индиската фармацевтска меѓународна компанија „Ипка“ ќе се користи интравенозно седум дена, во препорачаната доза како и за третман од маларија.

Иматиниб, произведен од мултинационалната швајцарска фармацевтска компанија „Новартис“, ќе се администрира орално еднаш дневно во тек на 14 дена, а инфликсимаб, произведен од „Џонсон и Џонсон“, ќе се администрира интравенозно како единечна доза.