Германското Министерство за надворешни работи многу сериозно го сфаќа случајот со апсењето на Британец кој работел во Британската амбасада во Берлин под сомнение дека испраќал документи до руската разузнавачка служба, изјави денеска портпаролот на Министерството, Кристофер Бургер.

Тој посочи дека шпионирањето на сојузничките држави на германско тло е „неприфатливо“.

Бургер додаде дека Министерството со внимание ќе ја следи истрагата на Државното обвинителство.

– Многу сериозно ги сфаќаме индикациите за шпионски активности на руската разузнавачка служба. Не можеме да дозволиме шпионирање на нашите блиски партнери на германско тло – нагласи Бургер, пренeсуваат агенциите.

Германското сојузно обвинителство денеска објави дека британскиот државјанин бил уапсен вчера во Потсдам, како дел од заедничката истрага на германските и британските власти.

Според германскиот закон за приватност, уапсениот Британец бил идентификуван само како Дејвис С.

Во исто време, британската полиција потврди дека германските власти уапсиле 57-годишен британски државјанин, како дел од заедничката истрага.