Градските власти велат дека за да се овозможат подобри и побезбедни услови за работа на пожарникарите, Град Скопје континуирано вложува во човечкиот, но и во преостанатиот инфраструктурен потенцијал, како нова, модерна и побезбедна опрема и возила за Противпожарната бригада. Во меѓувреме, Општина Кисела Вода со летоци и совети ги едуцира своите жители за тоа како со своето однесување да не бидат причина за предизвикување пожар
ПОЖАРИТЕ КАКО ПОВОД
Пожарите што веќе неколку дена беснеат на ниво на државава, а од вчера и во главниот град, каде што се случија неколку пожари, во Ракотинци, Кучково, Нерези и на други локации, ги оставија без сон пожарникарите, кои деноноќно, па дури и во продолжени смени, работат и се борат со огнените јазици низ целата држава. Пожарникари од Скопје беа ангажирани насекаде каде што се појави потреба од нив. Од друга страна пак, некои од општините започнаа со превентивни кампањи, кои ги едуцираат граѓаните за заштита и превенција од пожари.
Градот ги награди пожарникарите што учествуваат во гасењето на пожарите
На пожарникарите што учествуваат во гасењето на пожарите низ земјава, градските власти ќе им дадат парични награди во вредност од десет илјади денари.
Награди ќе добијат 194 пожарникари, кои се дел од три екипи, со три возила од Противпожарната бригада на Градот.
– Паричните награди им се доделуваат поради нивниот вонреден ангажман во гасењето на пожарите и надвор од територијата на градот Скопје, односно нивната пожртвуваност да им помогнат на жителите и на сите други учесници во гасењето на огнената стихија што ги зафати Старо Нагоричане, Кочани и Пехчево – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека за да се овозможат подобри и побезбедни услови за работа на пожарникарите, Град Скопје континуирано вложува во човечкиот, но и во преостанатиот инфраструктурен потенцијал, како нова, модерна и побезбедна опрема и возила за Противпожарната бригада.
– Во изминатите четири години, Град Скопје им ги зголеми платите на пожарникарите, а се зголемува и капацитетот на бригадата, односно се вработени вкупно 41 пожарникар, а во тек е конкурсот за вработување уште 20 нови пожарникари, со што се доближуваме и до исполнување на европските стандарди, во чија согласност пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители. Исто така, се вложува многу во опремувањето на противпожарната бригада, односно набавено е ново специјализирано возило – 45-метарска противпожарна скала, со која брзо и ефикасно ќе може да се спасат сите граѓани што живеат и повисоко од петти кат на скопските висококатници. Ова повеќенаменско возило има и дополнителна опрема, како пумпа за вода со капацитет од 45.000 литри во минута, а самата скала може да се користи и како кран за подигање товар од четири тона. Набавени се и нови изолациски дишни апарати, униформи и чевли што ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Триесет и пет години старата аналогна телефонска централа е заменета со современа нова дигитална централа, а набавена е и опрема за справување со шумски пожари, со што се подига нивото на заштита на природата на комплексите Водно, Сарај и Матка – информираат од Градот.
Кисела Вода со летоци против пожари
Високите температури и плодните временски услови за настанување и ширење пожари беа причина за интензивирање на активностите на Општина Кисела Вода во проектите „Топлотен бран – Заштита и превенција на здравјето на граѓаните од високи температури во летниот период“ и „Лето без пожари“, во кои партнери се Црвен Крст на Општина Кисела Вода, локалната самоуправа и Одделението за превенција при СВР-Скопје и полициските станици од општа надлежност.
Во рамките на овие активности, на фреквентните локации во општината, во парковите и на пазарите, освен тоа што превентивно на граѓаните им се делеше вода, им беа давани и летоци и превентивни совети за ризиците од појава на пожари и штети од нив.
– Активностите во овие кампањи придонесуваат да се издигне свеста кај граѓаните за заштита и превенција од пожари, да се подигне довербата во институциите, но и да се обрне повеќе внимание на сопственото здравје и почитувањето на советите на лекарите – информираат општинските власти.
Оттаму додаваат дека во рамките на заштитата од високите температури, од средината на јули, паралелно со делењето летоци и вода за освежување, специјално возило на Црвен Крст, со медицински тим и волонтери на Црвен Крст, патролира низ улиците во општината Кисела Вода, по потреба медицински интервенираат и ги транспортираат лицата на кои високите температури им предизвикале здравствени проблеми до нивните домови.
– Општина Кисела Вода уште еднаш апелира до сите свои жители да ги следат препораките и да ги почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, за кои докторите секојдневно информираат, како и да бидат многу внимателни во поглед на превенцијата од пожари, кои, за жал, се многу актуелни во овој период од годината – потенцираат од Кисела Вода.