Болниците повторно се полнат со пациенти, а бројот на новозазарени од ковид-19 надминува над 200 лица дневно. Како е можно повторно и повторно, во недоглед да ни се повторуваат едни исти грешки, и тоа по година и пол поминати во пандемија? Има ли простор за олабавеност во услови кога другите ги засилуваат мерките и контролите
Логиката дека една опасност се потиснува со поголема опасност е своевидна модифицирана верзија на стратегијата на нојот, кој соочувањето со опасностите го решава со нурнување на главата во песок. Акутната опасност од пожарите изминатава седмица, што зафати голем дел од територијата на Македонија, очекувано ги потисна за едно-две места подолу информациите за развојот на состојбата со ширење на заразата од ковид-19. Всушност, се чини дека од почетокот на летово, по периодот кога во редовните извештаи на Министерството за здравство фигурираа едноцифрени бројки за новозаразени и речиси празните графи кај податоците за смртноста, се создаде привид дека пандемијата по една и пол година е надмината. Олабавувањето на мерките за заштита и превенција од ковид-19 кај голем дел од резидентните граѓани во земјава беше доживеано како нивно целосно укинување, а кај странците (печалбари и туристи) што дојдоа летово како можност за уживање во слободата од претпандемиските времиња. Таквата олабавеност набрзо ги покажа своите (не)очекувани ефекти во ковид-статистиките, па во последниве денови, среде лето, повторно се појавија трицифрени бројки на новозаразени во дневните извештаи, па дури, за жал, активирани се и податоците за смртни случаи. На 5 август, дневната статистика на Министерството за здравство информира за повеќе од 200 случаи на новозаразени со коронавирус, од кои голем дел со веќе одомаќинетиот делта-сој.
Ковид-центрите повторно се ставаат во функција, откако е проценета ситуацијата дека на сѐ поголем број заболени им е неопходно болничко лекување. Ситуацијата, според извештаите од минатата седмица, е најкритична во Тетово, каде што во еден ден беа хоспитализирани 26, а веќе наредниот ден – 32 пациенти и речиси сите биле ставени на кислородна поддршка. Сериозно предупредувачка е бројката на пациенти и на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, каде што имаше дваесетина пациенти до крајот на работната недела, но и во Општата болница во Гостивар – исто така дваесетина и во Општата болница во Куманово – 10. Не беше празна ниту болницата во Струмица, каде што имаше седум пациенти со дијагноза на ковид-19, во болницата во Прилеп – шест, во Битола и Штип по четири пациенти, а по еден во болниците во Велес и во Струга. Лекарите предупредуваат дека најголемиот број инфицирани лица се од семејните прослави, нема класични кластери како порано, но се очекува во наредниот период бројката на заразени и понатаму да расте. Исто така, се очекува за раст на бројките со новозаразени голем „придонес“ да дадат младите што се враќаат од летните одмори, каде што посетувале масовни забави во отворени и затворени простори и дружења со поопуштена дисциплинираност за почитување на мерките за превенција и заштита.
Дури и во периодот кога здравствените власти ја носеа одлуката за олабавување на мерките за заштита од ковид-19, аргументирајќи со трендот на драстично намалување на новозаразени, но и со потребата општеството да се враќа во тековите на нормалното живеење, експертите предупредуваа дека е потребна поголема контрола на граничните премини, но и построги мерки во однос на организирањето свадби, коишто се покажаа како најголемите жаришта за ширењето на вирусот.
Колку за споредба, за влез во соседна Грција (до пред две години најомилена туристичка дестинација на Македонците), потребно е да се исполни не сосема едноставна административна процедура за електронско пријавување на престојот, со детални податоци за ковид-статусот на секој што сака да летува таму (сертификати за вакцинација, ПЦР-тест, потврда за прележана болест), додека за влегување во Македонија речиси не постојат никакви ограничувања и контрола за ковид-статусот на оние што влегуваат во земјата. Ако се патува подалеку, мерките за контрола и заштита од пандемијата на („непостојните“) границите на ЕУ, а уште повеќе низ светот се уште построги и поригорозни.
За една и пол година, колку што досега имаме „изодено“ од пандемијата, светот, па и Македонија, секако има повеќе сознанија, искуства, а за жал и жртви, во справувањето со коронавирусот, отколку кога се појавија првите случаи во Кина и масовното ширење во Италија, на почетокот од мината година. Во меѓувреме се создадени и вакцини, па некаде поорганизирано или помалку организирано, се одвива и имунизацијата. Според податоците за Македонија, досега во земјава две дози вакцина примиле повеќе од 400.000 граѓани. Сепак, искуството од минатата година, кога по летното стивнување на ширењето на заразата од вирусот, пандемијата ескалира во непосакувани димензии (со исход до крајот на јули годинава од околу 4.500 смртни случаи), треба да биде алармантно предупредување дека опасноста е далеку од надмината. Особено кога сред лето дневните бројки на новозаразени надминуваат двесте случаи. Дисциплината во почитување на актуелните мерки за заштита, како носење маски во затворени (јавни) простории, и понатаму треба да се применува и да се контролира. Дури и за вакцинираните не е надмината опасноста од зараза, така што не треба да се дозволи целосно олабавување.
Од друга страна, односот на надлежните во однос на мерките за заштита од превенција варира од една до сосема спротивна крајност: од ригорозна рестрикција и контрола на движењето со карантини и полициски час до целосна олабавеност, како да е целосно надмината пандемијата. Се покажа дека таквите крајности не се добри ниту за животниот биоритам на граѓаните ниту за контрола на пандемијата, а уште повеќе се шокантни и штетно се одразуваат на економијата и стопанството. Имаме доволно и туѓо и сопствено искуство во борбата со пандемијата на коронавирусот за да продолжиме и понатаму да се однесуваме според стратегијата на нојот. Крајно време е на ризиците и опасностите што ги носи заразата да им се погледне во лице и неодложно да се фатиме во костец со сите предизвици за нивно брзо и ефикасно надминување.