МОН е подготвено за започнување на новата учебна година, но и за имплементација на реформските процеси од септември, велат од оваа институција.
„Образованието е од круцијално значење за државата, идентитетот, иднината во нашата држава која се стреми кон европски стандарди и затоа вложуваме дневно во реформските процеси и секако безбедни услови за настава во време на пандемија, што не го гледаме од опозицијата која продолжува со опструкциите“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на пратеничко прашање дали ќе има реформи од септември и како и кога ќе започне учебната година, поставено од пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
„На почетокот на оваа година ја донесовме новата Концепција за основно образование, во април месец беа донесени програмите. Учебниците, или наставните материјали за прво одделение се исто така готови и се во печат исто така и за четврто одделение. Секако со поддршка на сите меѓународни организации. Да не заборавам дека над 4.000 наставници поминаа обука за да можат успешно да ја започнат учебната година од септември. Како никогаш до сега навремено се донесени сите календари за отпочнување на учебната година од први септември“, рече Царовска.
Министерката посочи дека со овие календари е предвидено започнувањето и завршувањето на учебната година, но заради тоа што се наоѓаме во Ковид пандемија, како што напомена, подготвени се три сценарија за наставата во учебната година што ни претстои.
„Сметаме дека најважно е, односно најдобро сценарио е физичкото присуство каде што сите ученици согласно распоредите ќе ја започнат наставата со физичко присуство. Доколку има драстична промена во епидемиолошката слика, тогаш би требало да го промениме сценариото со хибридна настава една недела во училиште една онлајн и третото најмалку посакуваното сценарио е да поминеме најголем дел од наставата онлајн. Очекувам дека ако сите се придржуваат на мерките како што имавме минатата година почитување на протоколите со физичко присуство дека ќе успееме и оваа учебна година да ја реализираме на тој начин. Дополнително до денеска повеќе од 58 % од наставниците и соработниците во училиштата се веќе вакцинирани“, рече Царовска.