Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија најостро го осудуваат лажното претставување на поединци или групи што во името на МПЦ-ОА или на одделни верски храмови нудат и продаваат разни црковни предмети по домовите
Измами за рубриката верувале или не
Необична појава со лажно претставување и злоупотреба на верските чувства евидентирале граѓаните изминатиот период.
Облечени во темна облека, слично на свештеници, луѓе тропаат на вратите на граѓаните во поголемите населби во Скопје и во другите градови во државата, им продаваат свеќи и икони, а за возврат им бараат пари. Обично се претставуваат дека работат во соборниот храм „Свети Климент Охридски“, црквата „Света Петка“ или во Бигорскиот манастир.
Ваквата измама им ги полни џебовите на самоповиканите собирачи на донации, кои се претставуваат како црковни работници.
На верниците им се бара да дадат онолку пари колку што сакаат или, пак, им велат дека дадените пари се донација за обнова на одредени верски храмови или манастири.
– Живеам во населбата Аеродром. На врата ми заѕвони еден човек, ми рече дека е клисар во црква и ми подаде свеќа со икона од Свети Илија. Рече дека ова го прават пред празникот Свети Илија. Ми падна непријатно и му дадов 50 денари. Се надевам дека ова не го прави институција како МПЦ – посочи еден скопјанец.
Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија најостро го осудуваат лажното претставување на поединци или групи што во името на МПЦ-ОА или на одделни верски храмови нудат и продаваат разни црковни предмети по домовите на православните христијани во поголемите градови во државата.
– Тие воопшто немаат врска со МПЦ, односно не се испратени од наша страна. Доколку на врата се појават вакви лица, замолуваме да ги легитимирате и да нѐ известите или, пак, едноставно сметајте дека лажно се претставуваат во името на црквата – велат оттаму.
Отец Бобан Митевски од скопската епархија вели дека црквата и манастирите не задолжуваат луѓе, како свештени лица или монаси, да одат по домовите на граѓаните и да продаваат одредени црковни производи.
– Производи како свеќи, икони, календари и други производи поврзани со верските елементи се продаваат во продавниците во рамките на црквите – посочува тој.
Отец Митевски апелира до верниците да не ги примаат најмногу поради нивното лажно претставување.
– Оставаме на верниците сами да одлучат дали да им помогнат или не. Но, апелираме ако се претставуваат лажно во име на црква или манастир, да ги одбијат – посочува отец Митевски.
Инаку, ваквата практика не е новина. Многупати досега се случувале вакви појави, кои МПЦ-ОА преку апели се обидувала да ги сузбие.