Со изненадување и загриженост е примена информацијата кај мноштво сограѓани дека еден од клучните закони со кои се гради интегритетот на државата преку интегритетот на поединецот што е носител на „државјанството, кое е светиња за државата“, сега се остава впечаток дека „токму тоа се омаловажува, нагризува или целосно се дерогира“ и се сведува на ниво на „договор за претплата на кабелски оператор“. Прашањето што сега се поставува е зошто државата не преслика некој од европските закони за државјанства, наместо да носи избрзани законски решенија под притисок на одредени партии, предизвикувајќи опасност од настанување на сериозен вештачки дисбаланс со етнички инженеринг на ентитетите во земјава во пресрет на пописот?
Измените на Законот за државјанство го кренаа вториот бран реакции во јавноста
Бурни реакции предизвикаа во јавноста измените на Законот за државјанства со кои се предлага македонското државјанство, меѓу другото, да се стекнува и со платени комунални сметки, приложување свидетелства, штедни книшки, лекарски прегледи и слично.
Предлог-законските измени влегоа во собраниска процедура со европско знаменце, што дополнително го продлабочи сомнежот кај јавноста дека ваквото решение се турка како меѓупартиски договор и тесен интерес, наместо како високодржавна потреба и интерес.
Но уште повеќе загрижува што еден од клучните закони со кои се гради интегритетот на државата преку интегритетот на поединецот што е носител на „државјанството, кое е светиња за државата“, сега се остава впечаток дека „таа светост се омаловажува, нагризува или целосно се дерогира“ и се сведува на ниво на „договор за претплата на кабелски оператор“.
Искуствата од другите земји во Европа и светот покажуваат исполнување на многу поригорозни услови доколку некој сака да се стекне на пример со германско, шведско, данско или некое друго државјанство.
Имаше случаи кога одредени земји, водени од намерата да привлечат што повеќе странски капитал, им даваа специјални државјанства ѝ таканаречени златни пасоши на граѓани од други земји, во што предничеа Кипар и Малта, но подоцна прекинаа со таквата практика, откако ЕК им забележа дека ја нарушуваат безбедноста на ЕУ.
Дополнителен проблем е што со овој закон се овозможува македонско државјанство да добијат лица што веќе имаат друго државјанство и воопшто не стапнале во земјава, на сметка на луѓето што немаат никакво државјанство а 30 години живеат тука.
Прашањето што сега се поставува е зошто државата не преслика некој од европските закони за државјанства, наместо да носи избрзани законски решенија под притисок на одредени партии, предизвикувајќи опасност од настанување на сериозен вештачки дисбаланс со етнички инженеринг на ентитетите во земјава во пресрет на пописот.
– Критериумите и условите што се наведуваат во предложените измени се надвор од европската регулатива и претставуваат предмет на потсмев и правна деградација. Во ниту една од државите на ЕУ не постојат критериуми што соодветствуваат на предложените измени од Владата, како платени сметки за вода, струја, лекар, штедни книшки, школо, непознавање на јазикот… – се вели во реакцијата на координативното тело на Македонците од Женева, Лондон, Брисел, Њујорк и Мелбурн.
Според нив, во европските држави има сосем поинакви критериуми за стекнување државјанство и Македонија треба да се држи до тоа.
– Колку за споредба, главни критериуми и услови во Европа за државјанство се престој во државата од 10 до 12 години, успешно интегрирање во системот и неповредување на правниот систем, да не претставува закана по внатрешната и надворешна безбедност на државата, почитување на вредностите на нацијата, многу добро познавање на јазикот Б1 (според европскиот систем на класификација на познавање на јазиците – СЕРЛ)… Така е во Швајцарија, Франција, Белгија, Италија… – се посочува во реакцијата.
Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници, смета дека ваков закон требало прво да оди на јавна расправа за да може и стручната фела да се вклучи во неговото креирање, наместо да се носи по скратена постапка.
– Ние прво не знаеме зошто се носи со овој закон.
Кога ќе го прочитате предлог-законот, ќе видите дека лицата без државјанство воопшто и не се спомнати. Ќе видите од предлог-законот дека лицата коишто можеби се државјани на други земји од поранешната СФРЈ и кои можеби не дошле 30 години во Македонија, сега ќе имаат можност да добијат државјанство, а лицата што живеат меѓу нас сè уште остануваат во тешки услови што ги имаат во согласност со Законот за странци – вели Дранговски.
Според него, со ваквиот закон се овозможува државјанство да добие некој што можеби еднаш бил на лекарски преглед во земјава.
– Со ова законско решение се носи таква одредба којашто овозможува во Македонија лице, кое без да се утврди колку време пред 1991 година живеело во државата, да добие државјанство врз основа на еден од 16-те наведени членови во законот. Ако одиме во детали, ќе видиме елементи што се апсурдни. Некој што дошол во Македонија на лекарски преглед може да добие државјанство, без да се утврди колку време престојувал тука, колку живеел и дали по 1991 година воопшто стапнал на територијата на државата. Така е и со сметката за електрична енергија, многу наведени членови, а за да добиете државјанство ви треба само еден од овие документи. За нас е навистина нејасно што се случува во државата – нагласува Дранговски.
Тој додава дека државата проблемот со државјанствата не го решила 30 години, а сега тоа го прави за луѓе што можеби имаат друго државјанство.
– Ние за луѓето на кои 30 години им требаше државјанство не најдовме решение, а сега државата одеднаш наоѓа решение за луѓе што можеби имаат веќе едно државјанство. Двојното државјанство е привилегија во однос на лицата коишто немаат ниту едно државјанство. Според нас, ако државата навистина сака да го реши проблемот со државјанството, треба да каже дека секој којшто живее на територијата на РСМ, а не поседува државјанство од која било друга земја, веднаш да добие македонско државјанство. Сè друго создава дополнителни компликации и забуни и јавноста нема воопшто можност да го каже своето мислење – истакнува Дранговски.