Брз и небезбеден сообраќај, изградба на амбуланта, хуманитарна акција, непостоење пешачки премин… Ова се некои од проблемите што учениците од основното училиште „Живко Брајковски“ во Скопје заеднички ги идентификуваа во својата заедница. Преку проектот на УСАИД Македонија за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, овие ученици ќе продолжат со своите средби и на следната работилница ќе работат на можните решенија за нивно надминување.
Со нетрпение очекуваме што ќе смислат овие умни глави. Дека на најмладите не им недостигаат иновативност, оригиналност, младешки ентузијазам и енергија најдобра потврда се и досега одржаните неколку работилници на кои учениците покажаа високо ниво на меѓусебна соработка и изнесоа мноштво идеи и размислувања за тоа во каква заедница сакаат да живеат. Секоја предложена идеја детално се разгледува, се дискутира и внимателно се одмеруваат сите изнесени аргументи. Завршната работилница со прифатените заклучоци во однос на сите детектирани проблеми се очекува да се одржи кон средината на овој месец. Е па, проблеми вашето време истече. Засега само на хартија, но зошто да не и поинаку.