Со ослободителната пресуда за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и припадниците на „Алфи“ се остава впечаток дека начинот на апсење на Љубе Бошкоски е дозволен и законит начин, изјави јавниот обвинител, Љубомир Лапе, кој го застапува предметот „Тортура“.
Тој тврди дека обвинението е прецизно и дека има јасни и недвосмилени докази и најави жалба на пресудата.
– Обвинението е детално и доволно прецизно. Тоа го објаснив и во завршен збор и во одговор на решението на судот за преотворање на главната расправа. Секако ќе ја обжалиме пресудата. Во модерните демократски цивилизирани општества, вакво лишување од слобода е забрането и санкционирано. Судот пропушти да ги санкционира сторителите, при јасни докази и недвосмислени докази. Ќе вложиме жалба на сите околности – рече Лапе.
Прашан дали очекувал ослободителна пресуда во момент кога судот одлучи да ја преотвори постапката, обвинителот Лапе вели дека тоа може да се толкува како увертира.
– Може да се толкува како еден вид увертира во таквиот епилог, бидејќи странките немаа предлог за преотворање на главната расправа, судот самоиницијативно ја преотвори. На следните две рочишта не беа преземени никакви дејствија. Обвинението е прецизно – рече Лапе.
Судијката Александра Ристеска ги ослободи ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, второобвинетиот кој е поранешен прв човек на единицата „Алфа”, Ивица Анчевски – Пуки, полициските службеници Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски, Метуш Шабани во случајот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски.