Брисел инсистира дека нема повторно да преговара за договорот за брегзит со Обединетото Кралство откако Лондон создаде тензии преку покренување на храбар обид за промена на трговските прописи со Северна Ирска, пишува „Фајненшл тајмс“. Обновениот конфликт доаѓа во ситуација кога британскиот премиер Борис Џонсон сакаше повторно да преговара за т.н. северноирски протокол за кој е постигната согласност со Брисел во 2019 година, а кој е на сила од почетокот на годинава.
Британскиот министер за брегзит, лорд Дејвид Фрост, објави документ кој предлага укинување на клучни делови од протоколот кој ја контролира трговијата со Северна Ирска по брегзит. Фрост инстистира дека Британија сака да издејствува поефективно функционирање на протоколот, но ја остави можноста за негово суспендирање од страна на Лондон, ако Брисел одбие да се согласи на британските барања.
Потпретседателот на Европската комисија задолжен за односи со Обединетото Кралство, Марош Шефчович, кажа дека Брисел нема да се согласи повторно да преговара за протоколот, со што се претпоставува дека ќе уследат недели, а можеби и месеци на политички превирања.
Ова прашање би можело да ги зголеми и тензиите помеѓу америриканскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон, како што наведува британскиот весник. Статусот на Северна Ирска по брегзит е сметан за главна пречка за создавањето на продуктивен нов однос помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ, според Фрост, кој сака трајно решение за прашањето преку менување на договорот за брегзит. Фрост има намера за „замрзнување“ на сегашната ситуација во поглед на Северна Ирска, oчекувајќи преговори за кои признава дека е потребно повторно отворање на спогодбата потпишана од британскиот премиер во рамки на договорот за брегзит.
Фрост сака и ЕУ да ја суспендира правната акција против Велика Британија поради протоколот, за евентуалните преговори за нов договор да продолжат во помирна атмосфера. Шефчович истакна дека Комисијата ќе продолжи да соработува со Обединетото Кралство и да бара креативни решенија во рамката на протоколот. Но Брисел го смета за неприфатливо потполно отворање на преговорите за текстот на спогодбата.