Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лице на возраст од 21 година, државјанин на Пакистан поради разбојништво.
Осомничениот на 18 јули, околу пладне, во атарот на селото Лојане, општина Липково, во состав на група со уште девет непознати лица, пресретнале мигранти кои се движеле пеш, по што упатувајќи закани кон нив почнале со метални шипки да ги удираат по главите и телата.
– Од секој од оштетените одзеле пари во износ од 600 до 800 евра, а од дел од нив и златен накит кој оштетените го носеле со себе. Осомничениот заедно со други засега непознати лица од групата, ги задржале оштетените заканувајќи им се по живот, се до моментот кога биле откриени од страна на полициските службеници по што непознатите лица од групата се разбегале во непознат правец, а осомничениот бил фатен од полициските службеници – соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово поднесе Предлог за определување на мерката притвор против осомничениот, бидејќи постои основан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и оправдан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.
Судијата на претходна постапка по спроведена постапка донесе Решение со кое на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.