Американскиот Стејт департмент соопшти дека ги истражува извештаите за можни необјаснети здравствени проблеми меѓу персоналот во амбасадата на САД во Виена.
Списанието „Њујоркер“ објави дека околу 20 американски разузнавачи, дипломати и други претставници изјавиле дека доживеале необјасниви здравствени тешкотии, објави „Ројтерс“.
– Кога станува збор за Виена, во координација со нашите меѓусекторски партнери, енергично ги истражуваме извештаите за можни неразјаснети здравствени инциденти меѓу вработените во амбасадата – изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Австриските власти, исто така, соопштија дека ги испитуваат извештаите дека американски дипломати во Виена доживеале симптоми на мистериозна болест позната како „синдромот Хавана“, објави „Си-ен-ен“.
– Ние ги сфаќаме овие извештаи многу сериозно и, според нашата улога како земја домаќин, работиме со американските власти на заедничко решение – соопшти Министерството за европски и меѓународни работи.
Жртвите на синдромот Хавана пријавуваат различен сет на симптоми, вклучувајќи ненадејна вртоглавица, гадење, главоболки и притисок на главата.
На некои им се дијагностицирани трауматски повреди на мозокот и продолжуваат да страдаат од главоболки и други здравствени проблеми години подоцна.
Од почетокот на инцидентите кон крајот на 2016 година во Куба, американските федерални истражители се борат да утврдат што или кој ги предизвикува мистериозните симптоми. Има пријавено случаи во Русија, Кина и на други места низ светот, а Сенатот во април соопшти дека бројот на сомнителни случаи се чини дека се зголемува.