Државни почести за фудбалерите на Италија

Италијанскиот претседател Серџо Матарела им додели „Орден за заслуги на италијанската република“ на селекторот Роберто Манчини и на неговите избраници, кои ја освоија шампионската титула на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020. Почестите се во „знак на признавање на спортските вредности и на националниот дух што ја анимираше победата на Италија на европскиот шампионат“, се вели во изјавата на италијанската влада.
На Манчини и на претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, им беше доделено признанието „голем офицер на републиката“, а менаџерот на репрезентацијата, Габриеле Ориали, и шефот на делегацијата, Џанлука Виали, ги добија наградите „командант на републиката“. Капитенот Џорџо Кјелини беше именуван за „офицер“ и заедно со целиот тим беше почестен со признанието „витез“.
Италија ја победи Англија на пенали во финалето на ЕП 2020 во Лондон и ја освои втората шампионска титула, по онаа во 1968 година. Л.Д.


ФУДБАЛ – УЕФА

Истанбул домаќин на финалето во ЛШ во 2023 година

Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) ги назначи домаќините за неколку финалиња во клупските натпреварувања во следните години. По преместувањето на финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во 2021 година од Истанбул во Порто, беше одлучено финалето во ЛШ во 2023 година да се одигра во Истанбул.
Покрај тоа, почетокот на европската клупска сезона, кој вклучува ждрепка за групната фаза во ЛШ, во Лига Европа (ЛЕ) и во Лигата на конференциите (ЛК) да се влече во Истанбул, на крајот од август за сезоните 2021/2022 и 2022/2023.
Финалето на ЛШ во 2023 година, кое првично требаше да се игра во Минхен, ќе биде преместено за 2025 година. Санкт Петербург ќе биде домаќин на финалето во 2022 година, а Лондон останува домаќин на финалето во 2024 година.
Домаќин на финалето во ЛЕ во 2022-та ќе биде Севилја, во 2023-та Будимпешта, а во 2024 година Даблин. Билбао ќе биде домаќин на финалето во ЛШ за фудбалерки во 2024-та година и на финалето во ЛЕ, во 2025 година. Л.Д.


КОШАРКА – НБА
Милвоки е на една победа до првата титула по 50 години

Милвоки бакс го совлада Феникс санс на гости, со 123-119, во петтиот меч од финалето на плејофот во кошаркарската НБА-лига и поведе со 3-2 во победи, во серијата што се игра до четири триумфа. Милвоки ја анулира негативата од 0-2 и сега е на една победа до титулата, втора во клупската историја, по првата освоена пред 50 години, во 1971-та. Шестиот меч се игра во Милвоки од три часот наутро в среда по средноевропско време, а евентуалната мајсторка в петок (наутро) во Феникс.
Најзаслужни за победа на „елените“ беа Јанис Адетокумпо, кој постигна 32 поени, плус девет скока и шест асистенции, Крис Мидлтон, кој постигна 29, и Џејру Холидеј со 27-те поени. На „сонцата“, кои се во првото НБА-финале по 1993 година и ерата на Чарлс Баркли, не им помогна ниту одличниот Девин Букер, кој постигна 40 поени, на вториот натпревар по ред. Крис Пол постигна 21 поен, со шут четири од четири во последниот квартал од мечот, а имаше и 11 асистенции. Л.Д.


Пет спорта ќе дебитираат во Токио

На Летните олимписки игри во Токио, од петок до 8 август, ќе се доделат медали во 339 дисциплини во 33 спорта. Пет од нив ќе дебитираат на ЛОИ; бејзбол/софтбол, скејтборд, сурфање, спортско качување и карате. Ниту еден спорт од 2016 година не е исфрлен, а се вратија голфот и рагбито. Во Токио, спортистите ќе се натпреваруваат во водни спортови, стрелаштво, атлетика, бадминтон, бејзбол/софтбол, кошарка, бокс, кајак, велосипед, коњички спорт, мечување, хокеј на трева, фудбал, голф, гимнастика, ракомет, џудо, карате, пенталон, веслање, рагби, едрење, стрелаштво, скејтборд, спортско качување, сурфање, пинг-понг, таеквондо, тенис, триатлон, одбојка, кревање товар и борење. Л.Д.


НАЈУСПЕШНИ ОЛИМПИЈЦИ

Фелпс, Латинина и Андријанов освоија 61 медал на ЛОИ

До почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, на кои ќе настапат над 11.000 спортисти од повеќе од 200 земји во светот, кои ќе се борат за медали во 33 спорта и во над 300 дисциплини, се бројат деновите и часовите. До почетокот на Игрите в петок, мало потсетување на олимпијците што имаат освоено најмногу медали.
Американецот, пливачот Мајкл Фелпс, кој учествуваше на пет ЛОИ, помеѓу 2000 и 2016 година, е најуспешниот олимпиец во историјата, со освоени 28 медали, од кои 23 златни, три сребрени и два бронзени.
Пред Фелпс, гимнастичарката, Русинката Лариса Латинина, која настапуваше за тогашниот СССР, повеќе од 40 години беше најуспешната олимпијка. Таа почна да се натпреварува на ЛОИ во Мелбурн во 1956 година, кога го освои првото злато. Потоа на уште две ЛОИ, во Рим во 1960 година и во Токио во 1964 година, освои вкупно 18 медали, девет златни, пет сребрени и четири бронзени.
Сонародникот на Латинина, исто така, гимнастичар, Николај Андријанов е третиот најуспешен олимпиец. Тој дебитира на ЛОИ 1972 во Минхен и освои златен и бронзен медал. По настапите на уште две ЛОИ, во Монтреал во 1976 година и во Москва во 1980-та, тој освои вкупно 15 медали, од кои седум златни, пет сребрени и три бронзени. Л.Д.