Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска присуствуваше на стручна дебата по повод Предлог Законот за градење, во организација на Друштвото на Патишта на Македонија.

Во своето излагање, тој истакна дека Владата ја справедува досега најголемата реформа во градежната дејност во државата преку имплементација на новиот Закон за урбанистичко планирање и изготвување на новиот Закон за градење.

Со предлог Законот за градење, потенцираше министерот Бочварски, на современ и стручен начин се уредува материјата на изградбата на градби преку која се стимулира просторниот и економскиот развој на државата и се олеснуваат постапките за градење.

„Пред нас е предизвикот да ги спроведеме неопходните реформи за да може да воведеме високо ниво на професионалност и стандардизација на прописите и нормите во делот на градежната дејност. По секоја цена не сакавме да креираме Закон кој би бил штетен како и претходните. Затоа изминатиов период, целата стручна јавност, граѓанските организации и сите други чинители вклучени во оваа проблематика учествувавте во креирање на овој нов Закон со свои предлози и решенија“, истакна Бочварски.

Објасни дека градежништвото учествува со преку 30 проценти во Бруто домашниот производ, вработува преку 40 илјади работници, а поддржува уште 36 други стопански гранки.

Затоа како што рече многу е важно да создаваме услови на континуитет на градежна експанзија во земјата, но притоа мора да понудиме нови знаења, нови норми и методи кои ќе ги прилагодиме на домашната легислатива, истакна Бочварски.

Според него со предлогот на новиот Закон за градење се уредуваат постапките од фазата на изработка на проектната документација, градењето, употребата и одржувањето на градбите, со обезбедување на усогласеност на изградбата со просторните и урбанистичките планови и проекти, преку заштита и унапредување на животната средина. Понатаму се регулираат управните и другите постапки со кои се дозволува и контролира изградбата, правата и обврските на учесниците во изградбата и други прашања поврзани со изградба на градбите.

„Во моментов Законот се уште е во изработка, сите доставени предлози ги разгледуваме и ги усогласуваме, вклучително и предлозите за пристапност на лицата со инвалидитет“, нагласи министерот.